Високите претставници на Руската црква тврдат дека дошле на именден кај поглаварот на МПЦ-ОА

Тајната посета на шефот на руската црковна дипломатија  митрополит Антониј била со цел да му го честита именденот на архиепископот Охридски и македонски. По повеќе години ова е прва посета на висока црковна делегација од Русија и тоа во време кога МПЦ ОА го очекува томосот за автокефалност од Цариград. Митрополитот Антониј за Сител порача дека се радува за автокефалноста на МПЦ ОА, но одби да даде коментар повеќе за што разговарале конкретно со поглаварот.

Митрополитот Антониј беше придружуван од неговиот заменик Николај Балашов кој долги години е задолжен за руската црковна дипломатија, а со него беше и рускиот амбасадор во земјава Сергеј Бездникин. Делегацијата беше пречекана од членови на Синодот на МПЦ ОА.. Дека средбата била пријателска рече и владиката Тимотеј, кој негираше дека се чувала во тајност. Ниту портпаролот на Синодот не сакаше да открие детали од средбата  која траеше час и половина.

Професорот д-р Марјан Ѓуровски доаѓањето на рускиот митрополит го оцени како лоша вест и ризик за националната безбедност и спротивна на државните и црковни интереси на МПЦ ОА.

Руската црковна делегација се поклони пред олтарот на соборниот храм Св. Климент Охридски. Митрополитот Атнониј ќе остане три дена во Македонија и ќе посети повеќе цркви и манастири. За утре најавија заедничко сослужување на литургија со поглаварот на МПЦ ОА во Лесновскиот манастир.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.