Високо ниво на билатерална соработка констатираа украинската амбасадорка Дир и шефот на собраниската група Митрески

Во четвертокот амбасадорката на Украина во Скопје, Лариса Дир, имаше средба со претседателот на пратеничката група на македонското Собрание за меѓупарламентарни односи со Украина, Јован Митрески и соговорниците притоа го истакнале високото ниво на билатерална соработка меѓу двете земји, особено на меѓупарламентарно ниво.

„Благодарни сме ѝ на Северна Македонија за непоколебливата поддршка на Украина во нејзиното спротивставување на руската агресија, како и за помошта што ѝ ја дава на нашата држава во сите сфери. Усвоената од страна на Собранието на 3-ти март оваа година Декларацијата за осуда на воените дејствија на Руската Федерација кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, стана исклучително важна манифестација на солидарност со украинскиот народ во првите денови од руската инвазија“, се наведува во објавата на украинската дипломатска мисија во Скопје.

„Денес на Украина повеќе од кога и да е има потреба од консолидирање на напорите на своите партнери за да го порази агресорот, бидејќи само заедно можеме да го надминеме ова страшно зло. И гласот на парламентарците овде звучи исклучително важно. Сигурни сме дека пратениците во македонското Собрание ќе продолжат да заземаат јасен став во однос на злосторствата на Русија против Украина и Украинците. Сепак, ова не е ништо повеќе од продолжување на вековната империјална политика на геноцид врз нашиот народ“, истакнала на средбата украинската амбасадорка Лариса Дир.