Вистината веќе не живее овде: стари алатки, нови трикови

СДСМ од моментот на отпочнување на рушење на „режимот“, преку устоличување на власта па до денес, својот успех и опстанок во политиката го гради на новите информативни технологии и манипулацијата со информациите. Чувството на „пост-вистина“ e новата парадигма на оваа власт. Во политичката ера на пост-вистина, лесно е да се изберат селективни податоци и да се изведат заклучоци што ги  посакувате. Токму на овој начин актуелната власт ја направи импотентна вистината во Македонија, при што дури и не се мачи да се сеќава на лагите што ги кажале нејзините носители, додека медиумите не успеваат да ги запомнат, а јавноста без посебна загриженост она што го слуша од нив денес, го заборава веќе следниот ден. За оваа власт лажните вести станаа големи вести, трансформирајќи ја во спонзор и манипулатор на новата фабрикувана македонска реалност, загадувач на демократскиот амбиент во државата и потенцијален креатор на кризи.

Власта преку новата информативна дигитална пропагандна платформа, помогната од претприемачите на „лажни вести“ на интернет, социјални медиумите и контролираните традиционални медиуми, го изведе процесот на обезличување на државата, преку промена на името и нејзината историја, поткопувајќи го нашето чувство за заедничко споделена реалност. Моделот што власта го користи за пропаганда, многу потсеќа на еден добро познат модел, наречен „огнот на лагата“, поради двете свои карактеристики: голем број медиумски канали за дисеменација на дезинформации и бесрамната подготвеност за распространување на делумни вистини, или целосни измислици. На тој начин консументот е забавуван, збунет и преплавен со информации. Оваа пропаганда е брза, континуирана и репетитивна, при што и’ недостасува посветеност на конзистентност. За да успее бара пари. Многу пари. Што, ако се сеќавате, беа инфузирани во нашиот медиумски простор однадвор во времето кога почна процесот на сатанизирање, како предигра на рушење на „режимот“.

Дека за оваа власт лажните вести се големи вести сведочат оние антологиски дезинформации за добивањето датум за преговори со ЕУ и неменувањето на името на државата. Од кои едната беше зачинета со фотографија на државниот врв од владиниот авион, каде со широка насмевка и подигнат палец ја прославуваат „историската одлука на ЕУ за датум за отпочнување на преговори за членство на Македонија и Албанија“ (јуни 2018), а другата со безочна лага изречена од Премиерот Заев дека: „уставното име нема да се менува“ и дека „нема да дозволи никој да го смени Уставот“, порачувајќи им на граѓаните на државата да бидат „спокојни и да не дозволуваат веќе режимот да ги лаже“.

Исто така, не смее да се заборави дека „независните медиуми“, особено „Телма“, минатата  година неколкупати ја повтори веста на денот дека Македонија добила датум од ЕУ. Без мемориски запис за ваквата безсрамна манипулација со информациите тешко дека ќе може да се бориме со овој нов вид закани на демократијата.

Владиниот пропангаден модел надополнет е со техника на дезинформирање, позната  на Запад како: страв, несигурност и сомнеж (Fear, uncertainty, and doubt (FUD). Оние што го аплицираат овој модел знаат дека се работи за стратегиски обид да се влијае на јавната перцепција преку ширење на негативни информации за противникот. Оваа техника има за цел да предизвика негативна перцепција и сомнеж во поглед на одредени прашања иницирани од политичките опоненти. Со една цел: субверзија. Да се ослаби системот на владеење, економијата и безбедноста на државата. Да се направи државата ранлива и нестабилна во очите на обичните граѓани. Да се изгуби довербата во институциите на системот и да се подготви терен за промена на власта.

Видовме како оваа стратегија функционираше со т.н. „бомби“ и шарената револуција, при што Македонија беше манипулирана со дискредитирање на спротивставени информации и со поддршка на лажни заклучоци, при што намерно се мешаше вистината со лажните заклучоци и лаги. Дезинформациите вешто затскриени зад наративот за „режимот“ и контролираната агресија на „граѓанската“ акција за негова промена, ја постигнаа целта. Промена на власта, а со неа и името на државата и нејзините атрибути. Сепак, да не претерувам. Оние што го рушеа „режимот“ и ја „ослободија  државата“ немаа интелектуален капацитет за една ваква операција. Тие беа и останаа само слуги на својата немоќ, што одработуваа(т) за други центри на моќ. Далечински насочувани извршители. И толку. Зато денес кога се фатени во мрежата на сопствените лаги не се обидуваат ни да ги демантираат, зашто слепо веруваат дека нивните ментори ќе ги земат во заштита. Исто како што веруваа на ветувањата дека ќе станеме членки на ЕУ. За жал толку од нив.

Незнам зошто, ама ова што ни се случува во Македонија во многу го отсликува советскиот концепт на дезинформирање, опишан низ зборовите на Ленин:

„Комунистите мора да бидат подготвени на жртва и, ако е потребно, да прибегнат кон на сите видови на лукавство и измами и да применат илегални методи да ја одбегнат и скријат вистината…“.

Тоа се комунистите. Сакате оние старите во дваесетиот век, сакате овие новите денес. Мајстори на манипулацијата со вистината. Затоа попродуктивно е да се потенцираат начините на кои владините пропагандисти се обидуваат да манипулираат со јавноста, наместо да се борите со специфичните манипулации. Само така ќе можат граѓаните да ја дестилираат вистината од лагите на власта.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес