Вистинските социјал-демократи против Заев и киднапираниот СДСМ

страшо ангеловски

Ова дефинитивно нема да биде текст за лагите и измамите на Заев; ова нема да биде текст за криминалот од 8 милиони евра на Заев, зашто тој својата невиност никогаш не ја докажа, туку ужива во милоста на аболицијата; ова нема да биде текст за капитулацијата пред Атина, за коленичењето пред Софија, за врховизмот на Заев пред Брисел и Вашингтон и променетото име и идентитет; ова нема да биде текст ниту за десетиците испратени авиони на НАТО за да помогнат во гасењето на катастрофалните пожари летово, ниту за НАТО донациите во чорапи, кебиња и вреќи за спиење; ова нема да биде текст за бесплатното здравство низ земјите на ЕУ во кое требаше да ужива секој Македонец; ова нема да биде текст за монструозните конструкции на Заев за смртта на Никола Младенов, која многу брзо ја заборави, ниту за петкратното убиство кај Смилковско езеро и судбините на луѓето со кои Заев си поигруваше; конечно, ова нема да биде текст за 14 луѓе живи изгорени во најстрашни маки и за мувата која не го полази ниту Заев ниту неговите соработници исклештени од уво до уво на митинзите, ниту за простотилукот на Заев со свитканиот лакт, за кој, многумина му порачаа да си го покажува дома, на семејството.

Овој текст, ќе биде едноставна порака до оние чесни и искрени социјалдемократи кои заради лојалност кон партијата чии членови се веќе десет, дваесет или триесет години, не можат или не сакаат да видат дека партијата им е киднапирана од еден човек, од човек кој поигрувајќи си со судбините на своите политички противници, си поигрува и со судбината на своите членови и со судбината на сите граѓани на Република Македонија.

И, бидејќи има премногу да се пишува токму на оваа тема, ќе се задржам само на еден потег на Зоран Заев со кој немилосрдно си поигра со судбината на сите граѓани во државава.

ЗА ИНСТАЛИРАНОТО ЗЛОСТОРСТВО

Гледајќи дека во државава не постои нормален човек кој би ги одработил највалканите работи против сопствениот народ, на аболицираниот Зоран Заев меѓународната заедница му помогна да ја киднапира сопствената партија, за да ја узурпира власта во Република Македонија со една и единствена цел – територијата на нашава држава, без разлика на нејзиното име, без разлика на унитарниот или федерален статус, без разлика на интересите на нејзините граѓани, да се најде под чадорот на НАТО. Притоа, „за да нема руско и кинеско влијание“, што е единствено американски интерес, Заев мораше да уништи проекти на кои макотрпно се работеше со години – гасоводот и брзата пруга.
И сега, додека на бензинските станици плаќате двојно повисока цена за гасот во вашиот автомобил, додека зимово ќе седите во студени домови заради веќе најавената енергетска криза, само потсетете се дека пред една недела гасоводот, кој од Солун преку Скопје требаше да оди за Белград и Будимпешта, заради власта на Заев отиде преку Бугарија и ја одмина Македонија, веќе профункционира и првите метри кубни гас пристигнаа во Србија и во Унгарија.

Истовремено, брзата пруга која требаше да поминува низ Македонија а со која требаше да се поврзе солунското пристаниште, Грција и Македонија со централна Европа и понатаму, веќе се гради по новата траса низ Бугарија за Србија и Романија.

Со ова, Заев, заради својата неукост, сервилност и гола желба за власт, Македонија ја откина од европските современи текови и ја направи енергетско и транспортно слепо црево, црна дупка на Балканот. Па така, државата нема да прибира во Буџетот милиони евра од транзитот на гас и ќе биде енергетски крајно зависна и нестабилна во време на можеби најголемата енергетска криза што не очекува. Истовремено, државата нема да прибира милиони евра од транспортот на стоки по брзата пруга од солунското пристаниште кон централна Европа и ќе оневозможи брз транспорт на домашните производи на европските пазари што е исклучително значајно. Значи, нема да прибира средства за сопствен развој.

Заради откажаните проекти со гасоводот и брзата пруга,членката на НАТО, Република Македонија веќе е, а се’ повеќе ќе биде заобиколувана од странските инвеститори кои, за да се решат да инвестираат во некоја држава не бараат топли НАТО чорапи, туку бараат енергетска сигурност и евтини енергенси и инфраструктурно поврзување заради забрзана и сигурна комуникација со остатокот од Европа.

И кога велам дека вистинските социјалдемократи мора да се свртат против Заев, сакам да сфатат дека со ова тој човек ја уништи иднината на моите но и на нивните деца. Ја уништи, бидејќи целосно го сопре и оневозможи развојот на државава. Развој кој не е можен без странски инвестиции во производство, а не во трговски синџири и центри. Инвестиции во производство кои бараат енергетска и инфраструктурна стабилност, која токму тој ја оневозможи.

Сакам да сфатат дека овој потег на Заев е вистинското злосторство против сопствената држава и нејзините граѓани, бидејќи последиците ќе ги трпат сите, и членовите на опозицијата но и членовите на СДСМ.

Сакам да сфатат час поскоро дека ветувањата за повисоки плати, повисоки пензии и нови вработувања се најголемата лага и измама, зашто држава без создадени предиспозиции за развој, е осудена на пропаст која само се одложува со енормни задолжувања.

Зашто, ако не сфатиме сега, додека боли, ќе сфатиме кога болката ќе биде неподнослива, кога државата ќе биде во колапс, кога децата ќе ни побегнат, кога од меѓународната заедница, како на Бугарија во 1997-та, ќе ни воведат Валутен борд за да ни ја сочуваат државата. Доколку воопшто ќе имаат волја за тоа и доколку сметаат дека оваа држава воопшто и треба да постои.

За жал, доколку денес не му се спротивставиме на Заев, ќе упатиме тажна порака дека не си ја заслужуваме државата. Порака на малодушност и пораз.

Затоа, на 17 октомври да и овозможиме нова иднина на татковината. Сите заедно.

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес