Зоран Витанов од Асоцијацијата на менаџери на Македонија, во вчерашното гостување во емисијата „Економски Магазин“ (Magazina Ekonomike) на Алсат – М телевизија вели дека со буџетот за 2018 година, Владата според него стратешки најавила дека нема ништо да менува и дека тоа на него му личи на популизам.
-Владата дури и стратешки најави дека нема ништо да менува. Ова мене, нека ми прости владата, дај боже да грешам, меѓутоа сепак и не сум толку наивен по однос на годините што сум во економијата, а и од поодамна две децении следам буџети, ова мене ми личи на популизам. Мислам дека се работи за популизам. Еве ќе ви кажам штом немате “kost-benefit“, а продолжувате да трошите, тогаш сакате да придобиете емотивно некои луѓе, рече Витанов во синоќешното гостување во Алсат – М телевизија.
Тој во истата емисија ја наведе и втората причина, која е популизам а не суштинска економска анализа на новата влада, а тоа според него е новото прогресивно оданочување.
-Втората причина зошто мислам дека е популизам а не суштинска економска анализа, е и најавата за промена на персоналното оданочување, каде што се опфатени неколку илјади луѓе, каде што сега владата предвидува, бидејќи знаеме каква сиромаштија има во државата, дидејќи знаеме каква фрустрација има кај народот, и он сега сака емотивно да ги погоди а нема да добие никаква реална економска суштина, и вика ќе ги оданочиме повеќе побогатите, и народот е помирен. Тоа е како една опојка, лексилиумче кое што има краткотрајно дејство, не го решава проблемот, но ќе купи време. Ќе биде популарен уште година дена, не го решава проблемот, истакна Витанов.
Тој смета дека со воведување на прогресивниот данок, трошоците во Управата за јавни приходи, ќе бидат повисоки од бенефитот што Владата ќе го добие од оданочувањето на тие околу осум илјади луѓе, дури и наплатата да е 100%, бидејќи со промената на пресметките, прогресивното оданочување бара ангажирање на нови служби во УЈП кои чинат многу парични средства.
-Ако ги земете анализите, Владата повеќе ќе потроши во службите во УЈП, со промената на пресметките, бидејќи рамниот данок лесно се смета, прогресивното оданочување бара нови служби во УЈП, бенефитот што ќе го добие од оданочувањето на тие осум илјади луѓе, ќе е помал отколку трошоците што ќе ги направи УЈП, за наплата, под услов 100% да е наплатата, да нема евазија. А знаеме штом покренете прогресивна даночна стапка, а особено кај луѓето кои се во фелата, тие знаат како да си ги прикажат преку трошоци и да направат евазија што е полу-легална, констатираше Витанов.
Во емисијата, Зоран Витанов, рече дека овие мерки на него му кажуваат дека Владата нема концепт, или пак продолжува да биде популистичка влада.