Виз ер ја продолжи суспензијата на сите летови од и до Македонија до 30 мај

Сите што купиле билети можат да изберат една од двете опции за враќање на парите – 120% на виз ер – сметката или 100 проценти на личната трансакциска сметка.

Виз ер денеска соопшти дека ја продолжува суспензијата на сите летови од и до Македонија до 30 мај, поради продолжените рестрикции за патување и за сите комерцијални летови од и до земјава.

„Патниците со резервирани билети погодени од овие суспендирани летови кои ги направиле резервациите директно на wizzair.com или на мобилната апликација на авиокомпанијата, ќе бидат автоматски известени преку електронска порака. Притоа 120 проценти од сумата ќе им бидe автоматски префрлена на Wizz сметката на корисникот, и овие средства ќе можат да ги искористат во текот на наредните 24 месеци за купување на сите производи и услуги на компанијата“, се вели во соопштението.

Исто така може да се избере и опција за враќање на парите, за која треба подолго време за да се реализира и сумата што ќе ја добијат ќе биде 100 %. За ова патниците исто така ќе добијат електронска порака. Патниците кои направиле резервација преку туристички агенции, вклучувајќи ги и онлајн туристичките агенции, треба да ја контактираат компанијата преку која ги купиле своите билети.