„Виз ер“ од и до Скопје и Охрид лета на 34 дестинации

Салцбург, Брисел, Барселона,  Милано, Стокхолм, Франкфурт, се само мал дел  од 34-те дестинации на кои од и до скопскиот и охридскиот аеродром лета нискобуџетната авиокомпанија „Виз ер“.

Авиони на оваа компанија први одлетаа од скопскиот аеродром во средата, кога тој беше повторно отворен за комерцијални летови по цели три ипол месеци.

Од оваа најголемаа нискобуџетна авиокомпанија во Централна и Источна Европа најавија дека на 1 јули ги отвораат своите рути од аеродромите во Скопје и Охрид. Патниците можат да резервираат карти за 34 различни дестинации до некои од најпопуларните држави како што се Германија, Италија и Шведска.

Од „Виз ер“ известуваат дека  со цел да се обезбеди здравјето и благосостојбата на патниците и на екипажот воведени се нови протоколи за да се почитува физичката дистанца за време на чекирање и да се подобри хигиената на летот. Како дел од мерките за заштита на здравјето на патниците и екипажот на авиокомпанијата, патниците треба онлајн да се чекираат и да ги платат сите дополнителни услуги, како на пример дополнителните торби.

Патниците се замолени  да се придржуваат на новите правила за физичка дистанца при влегување и излегување од авионот.

Исто така, „Виз ер“  ќе продолжи со својот строг распоред за дневно чистење на целата флота, при што целиот авион ќе биде дезинфициран преку ноќ во согласност со официјалните упатства. На веб страницата на „Виз ер“ е поставено видео на кое може да се видат сите мерки.

-Среќни сме дека скопската база е повторно отворена, и ќе ги продолжи своите летови од Скопје и Охрид, овозможувајќи им на патниците можност да патуваат, да ги посетат своите роднини, или пак да отидат на одмор. Безбедноста на нашите патници и членови на екипажот останува наш најголем приоритет. Имплементиравме низа заштитни мерки за да се осигураме дека хигиената е на највисоко ниво. Спремни сме да ги пречекаме нашите патници на лет, изјави Паулина Госк, менаџер за корпоративни комуникации во „Виз ер“.

Преку  скопскиот аеродром „Виз ер“ лета до и од аеродромите  Салцбург, Брисел, Шарлероа, Ларнака Копенхаген, Турку, Париз Бове, Берлин Шенефелд, Бремен, Келн, Дортмунд, Франкфурт Хан, Фридрихсхафен, Хамбург, Хановер, Карлсруе/ Баден Баден, Меминген/Минхен Запад, Ниренберг, Будимпешта, Милано, Малпенса, Рим Чампино, Малта, Ајндховен и Осло Сандефјорд Торп.

Операциите од Охридскиот аеродром се Барселона Ел Прат, Гетеборг Ландветер, Малме, Стокхолм Скавста, Векше, Лондон Лутон, потоа Виена, Дортмунд, Милано, Малпенса.