Виз Ер со нови летови Скопје-Малта и Охрид-Лондон Лутон, реобновува седум рути

Нискобуџетната авиокомпанија Виз Ер  денеска најави постепено повторно отворање на седум линии и воведување на две нови линии од Скопје и Охрид до дестинации во седум држави, почнувајќи од март и мај.

-Македонците повторно ќе можат да летаат од Скопје до Билунд, Бремен, Рим-Чампино, Турку и Векше и од Охрид до Фридрихсхафен и Меминген. Дополнително, Wizz Air ќе започне со работа на две нови линии – Охрид-Лондон Лутон и Скопје-Малта. Овие рути се надополнуваат на постоечките од аеродромите во Северна Македонија до популарните дестинации. Така, македонските патници ќе можат да ги користат овие евтини услуги на Wizz Air до некои од највозбудливите градови во Европа, соопшти  „Виз Ер“.

Авиолиниите Охрид – Фридрихсхафен и Охрид – Мемингем почнуваат од 28 март, а од тој датум ќе се лета и на рутата Скопје-Билунд.  За Охрид-Лондон Лутон, Скопје-Рим Чампино и Скопје – Турку, како стартен датум е ставен 21 март, а 23 мај за Скопје-Бремен, Скопје-Малта и Скопје-Векше.  Местата за повторно отворените рути се веќе достапни онлајн на wizzair.com и преку мобилната апликација.

Како што информираше претходно во интервју за МИА, Метин Батак, генерален директор на ТАВ Аеродроми, со летниот распоред на летање што стартува на 28-ми месецов, покрај новата авиолинија Скопје-Софија, на аеродромите во државава се враќаат неколку рути што функционираа пред ковид пандемијата. Се очекува и враќање на полски ЛОТ со линијата за Варшава. Истовремено, со стапувањето во сила на летниот ред на летање, на Скопскиот аеродром почнуваат и градежни активности за обнова на пистата.