Влада: Подготвени сме да ги отстраниме загриженостите што се појавија во Бугарија

Разочарани сме од одлуката на Република Бугарија да не го поддржи усвојувањето на Рамката за преговори за Северна Македонија, што не е во согласност со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017, брифираат од Владата откако денеска на состанокот на КОРЕПЕР не беше постигната согласност за усвојување на преговарачката рамка за почеток на пристапните преговори поради противењето на бугарскиот амбасадор.

– Ние остануваме посветени на Договорот и уверени сме дека тој претставува одлична рамка за менаџирање на билатералните прашања и нуди механизми за надминување на проблемите. Во таа насока подготвени сме да дадеме појаснувања за да ги отстраниме загриженостите што се појавија во Република Бугарија – велат оттаму.

Правото на нашето самоопределување е наше неприкосновено право. Македонскиот идентитет и македонскиот јазик се факт и за тоа не треба да се разговара, бидејќи нашиот идентитет не предизвикува никакви претензии кон никого, ниту сега, ниту во иднина.

– Веруваме дека со засилена комуникација и дополнителен ангажман постојат можности за излезни решенија за да имаме успех за сите нас, за македонската интеграција, за Република Бугарија, за регионот и за Европската Унија. Во спротивно ќе имаме само споделен неуспех со што сериозно ќе биде доведено во прашање проширувањето на ЕУ како нејзин геостратешки интерес – велат од Владата.

Официјално Скопје е благодарно за силниот ангажман на германското претседателство и силната поддршка од сите земји членки овој процес да заврши со успех и во интерес на вредностите на кои почива Европската Унија.

„Северна Македонија нема да отстапи од остварувањето на нашата стратешка цел, споделена и прифатена со Европската Унија, да ги отпочне преговорите за членство и продолжува да биде активен учесник во разговорите коишто продолжуваат наредните денови. Деновиве ќе има средби на КОРЕПЕР, како и состанокот на ГАК (General Affairs Council, средба на министрите за надворешни работи или министри за ЕУ на земјите членки) и состанокот на Европскиот Совет и ние уште еднаш ќе ги предочиме јасно нашите аргументи со цел да ги афирмираме можностите да се надмине оваа ситуација. Постои силна определба и фокусираност од различни страни со цел постигнување на заеднички европски успех“, брифираат од Владата.

МИА

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.