Влада: Системот за управување со мигрантската криза е подготвен и функционален за да одговори на предизвиците

Владата на денешната 13-та седница го разгледа извештајот на Управувачкиот комитет за координација и справување во системот за управување со кризи за состојбата со мигрантската криза и донесе повеќе заклучоци кои тргнуваат од фактот дека земјава веќе има воспоставен систем за управување со мигрантската криза.

Владата заклучи дека системот е подготвен и функционален за да одговори на предизвиците како транзитна земја и дека дел од тој систем е постојаната комуникација со партнерите на нашата земја во НАТО и ЕУ, како и со сите земји во регионот.

– Во таа насока е и заклучокот на Владата да се побара од земјите со кои Северна Македонија непосредно соработува со нивните полициски припадници на нашата јужна граница, да се зголеми бројот на полициски службеници, кои со зголемениот број на припадници од Министерството за внатрешни работи и на Армијата ќе ги споделат оперативните ангажмани во случај на раст на бројот на мигранти, наведува владината Прес-служба.

Владата заклучи да побара и да ја прифати веќе понудената техничка помош од Интернационалната организација за миграции (ИОМ), од УНДП, УНХЦР, како и од Европската комисија и другите интервентни фондови за Министерството за внатрешни работи и за Министерството за одбрана, вклучително и обезбедувањето резерви со храна, вода и друг потрошен материјал.