Владата ја негира изјавата на Димовски, но и својот портпарол за вработувања на бегалците од Авганистан

Владата во саботата вечерта реагираше на ставовите на поранешниот пратеник Илија Димовски кој беше гостин во Тема на денот во Дневникот на Сител, иако нејзиниот портпарол претпладнето имаше изјава којашто навести дека се размислува и се разгледуваат можностите во таа насока, а која ја пренесоа медиумите.

„Владата преку портпарол брифираше дека размислуваат и за програма за вработување на бегалците. Како е тоа можно кога има 29 отсто младинска невработеност, 10 илјади компании згаснаа за две години, 50 илјади лица има повеќе на Биро за вработување. Мислам дека премногу се расфрламе само за власта да си ги откупи нотираните гревови во меѓународните извештаите“, заклучи Димовски.

Во продолжение интегралната реакција:

„Претставниците на опозицијата продолжуваат со ширење лаги кои поттикнуваат вознемирување и ксенофобија кај населението. Владата не ветувала програма за вработување на граѓаните кои бараат засолниште од хуманитарната криза во Авганистан.

Тоа не е точно, најостро ги отфрламе ваквите невистини, Владата е целосно фокусирана на обезбедување безбедност, здравствена заштита, храна и кров над глава за миротворното население од Авганистан.

Уште еднаш потенцираме дека станува збор за граѓани кои во Авганистан работеа за меѓународните демократски мисии и организации, новинари, активисти на организации за човекови права, како и за деца и членови на нивните семејства.

Во оваа хуманитарна мисија ангажманите за психо-социјална поддршка и за нормално функционирање на авганистанските граѓанин и за нивните секојдневни активности во македонското општество ќе биде целосно под координација на Црвениот крст и на меѓународните организации.

Токму меѓународните организации за чии мисии работеа овие организации во Авганистан ќе се грижат за социјалниот аспект од кризата во која се наоѓаат овие граѓани.

Не е точно дека Северна Македонија ќе има голем финансиски трошок од спасувањето на Авганистанците. Речиси сите трошоци сместувањето и за сѐ друго што е неопходно ги покриваат меѓународните организации.

Граѓаните од Авганистан за кои обезбедуваме живото-спасувачка мисија ќе бидат на привремен престој во Северна Македонија, се до нивниот трансфер до САД или до трети земји.

Апелираме до сите општествени чинители, а особено до политичките претставници на опозицијата да направат чекор и да преминат на страната на солидарноста, да поддржат спасување човечки животини и човечки судбини, да не шират дезинформации и да не предизвикуваат со тоа омраза кон демократските граѓани на Авганистан кои ќе пристигнат во земјава.

Северна Македонија е солидарно општество, ова се моментите кога заедно можеме да покажеме и пред себе, и пред сопствените граѓани и пред светот колку можеме да сме важни и вредни чинители на глобалната хуманитарна мисија“, се наведува во објавата на Владата.

Меѓутоа во изјавата на владиниот портпарол на којашто се повика Димовски беше наведено:

„Статусот на лицата што се очекува да пристигнат од Авганистан во нашата земја ќе биде во согласност со одредбите од Законот за странци. Релевантните институции ги разгледуваат можностите за ресоцијализација на овие лица, ова ќе биде завршено во наредните денови. Во моментов фокусирани сме на нивниот прием и сместување во соодветни хотели.

Прашањето за образованието на децата, праѓањето за вработува и прашањето за здравствено осифурување ќе бидат разгледени во нардните денови, почитувајќи ги законските одредби во земјава“, навести портпаролот на Владата кого го цитираа медиумите.