Владата ја усвои новата Стратегија за одбрана

Владата на денешната 154-та редовна седница ја разгледа и усвои информацијата со Нацрт-стратегијата за одбрана на Република Северна Македонија, и го задолжи Министерството за одбрана во рок од седум дена од усвојувањето на информацијата да ја достави Стратегијата за одбрана до Претседателот на државата за нејзино донесување.

Тековната Стратегија за одбрана е донесена во 2010 година, а како резултат на безбедносната динамика, современите безбедносни закани и предизвици, но и како резултат на променетиот статус на земјава во меѓународни рамки, Министерството за одбрана изготви нацрт на нова Стратегија за одбрана на Република Северна Македонија.

Новата Стратегија ги идентификува одликите на современото безбедносно опкружување, дава насоки за понатамошен развој на одбранбените капацитети и способности на системот за одбрана на Република Северна Македонија, како и насоки за синхронизирање и унапредување на одбранбеното планирање, согласно стандардите на НАТО и ЕУ.

На предлог на Министерството за одбрана на денешната седница е утврден Предлог – закон за класифицирани информации.

Со Предлог-законот за класифицирани информации се уредува системот за заштита на класифицирани информации во Република Северна Македонија и се овозможува одржување на високо ниво на усогласеност со регулативите на НАТО и ЕУ, следење на тековните трендови во практиките при ракувањето со класифицираните информации, како и прецизирање на одредени прашања поврзани со други области што се поврзани со работата на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.

Новиот предлог закон ја има предвид законска основа за донесување подзаконски акт којшто ја регулира криптозаштитата во земјата, а согласно интеграциските процеси на земјата во НАТО и ЕУ, согледана е и потреба за проширување на надлежностите на Дирекцијата во доменот на размената и заштитата на класифицирани информации со меѓународните организации.

Владата ја разгледа и усвои информацијата во врска со потребата од пристапување на Република Северна Македонија кон Конвенцијата за намалување на бездржавјанство на Обединетите нации од 1961 година.

Конвенцијата на Обединетите нации за намалување на бездржавјанството од 1961 година, е примарен меѓународен инструмент кој го третира проблемот на без државјанството. Суштинска цел на Конвенцијата е да го пропише стекнувањето на државјанство за оние лица кои инаку би биле без државјанство и кои имаат соодветна врска со државата преку раѓање на нејзина територија или потекло од нејзини државјани, како и задржување на државјансвото од страна на оние лица кои би станале лица без државјанство доколку небрежно го загубат државјанството.

Пристапувањето кон оваа конвенција ги олицетворува начелата кои се општо прифатени во меѓународното право, а кои се содржани во други значајни конвенции, како и во Универзалната декларација за човекови права на Обединетите нации во која е предвидено дека секој има право на државјанство односно на ниту едно лице нема произволно да му се одземе државјанството, ниту, пак, правото да го смени своето државјанство, со што се повикуваат државите „да усвојат правна регулатива за државјанството за целите на намалување на бездржавјанството, доследно на основните начела на меѓународното право“.

Владата денеска ја донесе и информацијата за активностите во насока на имплементација на клучните мерки под димензијата Антикорупција од Стратегијата за Југоисточна Европа 2020, и го задолжи Министерството за образование и наука во соработка со Бирото за развој на образованието со писмен допис и оваа учебна година да ги извести сите основни училишта за потребата од планирање на антикорупциски содржини во своите годишни програми.

Согласно дописот, се очекува во учебната 2019/2020 година училиштата да ги реализираат планираните активности од нивните годишни програми за работа кои се однесуваат на активности поврзани со антикорупциската едукација на учениците.

На денешната седница, Владата донесе Предлог – одлуки за испраќање припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во мировната операција „Одлучна поддршка“ во Исламската Република Авганистан и за учество во мировната операција на Европската Унија „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.