Владата до Собранието ќе достави четири уставни амандмани

Владата на денешната вонредна седница го усвои предлогот за пристапување кон четири уставни измени, кој ќе го достави до Собранието кое уште утре ќе почне со работа за да пратениците се изјаснат за предложените промени.

Според портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, станува збор за четири уставни амандмани.

Првиот се однесува на додавање на придавката „Северна“ во името на Република Македонија, а вториот на измени во преамбула во Уставот при наведување на државнo правните традиции. Ке се именуваат конкретни документи на АСНОМ, односно ќе се внесе повикување на прогласот од првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ со неговите конститутивни одлуки.

Со третиот уставен амандман, како што посочи Бошњаковски, ќе се декларира почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави и со тоа ќе се прецизира поцврста гаранција за трајноста на границите и дека Македонија нема територијални претензии.

Четвртиот амандман се однесува за грижата за Македонците и дијаспората во странство. Со амандманот, како што посочи тој, сега ќе се декларира грижа за културните, економските и социјалните права на припадниците на македонскиот народ и сите граѓани на Македонија во странство без да значи мешање во внатрешните работи на земјите.

Бошњаковски вели дека сега сите членови на Собранието на РМ, сите пратеници, без разлика на која партија ѝ припаѓаат имаат историска должност и обврска пред граѓаните, да го обезбедат патот на Македонија кон стабилност, безбедност и економски просперитет, а тоа е патот кон НАТО и ЕУ кој води преку македонско-грчкиот договор.

Предлогот и насоките за изменување и дополнување на Уставот на РМ можете да ги симнете на следниот линк.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.