Владата донесе одлука за зголемување на дизелот, следат масовни поскапувања

Владата го усвои предлогот за зголемување на висината на акцизата за дизел, на својата синоќешна седница, соопшти владината служба за информирање.

Според објавената информација, со измената на Законот за акцизи се предлага зголемување на висината на акцизата на гасно масло (дизел гориво) кое се користи како погонско гориво и на гасното масло што се користи како гориво за греење, за 3 денари.

Ќе се зголеми акцизата за нафта за 3 денари по литар, односно цената на дизел горивото со ДДВ за 3,5 денари.

Зголемување на акцизата за нафта е предвидено со предлог буџетот за 2018 година, за кој што во тек е јавна расправа. Драган Тевдовски, министер за финансии, на 2 ноември при претставувањето на буџетот пред да го пушти на јавна расправа кажа дека акцизата на нафтата, поточно на дизелот, се зголемува согласно препораките на Европската Унија, да се дестимулира употребата на дизел горивата за да се намали загaдувањето на животната средина.

Препораките од ЕУ се дека овие акцизи треба да бидат 0,33 евроценти, а кај нас сега е 0,20 евроценти. Со зголемувањето ќе биде 0,26 евроценти, рече Тевдовски на почетокот на јавната расправа за буџетот за 2018.

Со ова зголемување на акцизата за нафта да се зголеми приходот во буџетот за 1,6 милијарди денари, а од ДДВ од продажба на дизелот приходот да се зголеми за 350 милиони денари.

Оваа мерка уште пред две недели ја најави министерот за финансии Драган Тевдовски.

Со новата владина мерка речиси 2 милијарди денари повеќе ќе платат граѓаните на Македонија идната година. Од таа сума, околу 1,6 милијарди денари ќе бидат зголемени приходи од акцизата и уште 350 милиони денари од ДДВ-то кое ќе порасне заради зголемената основица за пресметка предизвикана од акцизата.

Експертите тврдат дека поскапувањето на дизелот најсилно ќе го почувствуваат граѓаните. Зголемувањето на акцизата за нафата ќе значи поскапување на речиси се’. Поскапената нафта ќе доведе до зголемени цени на храната, транспортот и сите други услуги, а проблемот со загадениот воздух, моментно, не е најпаметно да се решава врз грбот на граѓаните. Исто така се предупредува дури и на опасност од инфлација.

Според статистиката, од 2016-та година во Македонија се возат 226.513 автомобили на бензин, 203.643 возила се на дизел, 11.620 на плин и електрични 63 возила. Скоро една половина од сите возила во Македонија се на дизел гориво.

Со ова, како што тврдат експертите, се удира најмногу по сиромашните заради инфлационата спирала и очекуваниот раст на цените. Со поскапување на нафтата ќе дојде до покачување на сите производи бидејќи нафтата е главен инпут во голем дел од производството.

Зголемената акциза силно ќе ги погоди финансиски и компаниите кои се занимаваат со транспорт. Според проценките еден камион троши 40 литри дизел на 100 километри со новата мерка од владата камионите ќе треба да издвојуваат додатни 150 денари повеќе на 100 км. Со ова мерка значи намалување на заработката поради зголемените трошоци за гориво што треба да ги плаќаат сите оние кои се занимаваат со транспорт. Исто така и за приватниот сектор ова се огромни дополнителни трошоци. Покачувањата на трошоците ќе влијаат и врз малите и средните бизниси кои се борат за преживување и опстанок на пазарот, овие покачувања на трошоците ќе мора некако да ги компензираат односно или да отпуштаат работници, а голем дел од нив ќе се сочат со големи тешкотии во работењето.

Транспортерите и таксистите се на удар од оваа мерка и секако јавниот транспорт кој го користат претежно лица со понизок доход. Со оваа мерка на владата експертите велат дека и градежниците се на удар кои ќе мораат да ги качуваат цените за да ги покријат додатните трошоци.Економистите предупредуваат дека со оваа мерка и извозот ќе стане понеконкурентен заради зголемените трошоци на претпријатијата.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, минатата недела апелираше до медиумите ако не биле стручни, да не манипулирале со темата зголемување на акцизата за дизелот.

Апелираме посебно до медиумите, ако не се стручни, да не манипулираат на оваа тема, кажал Тевдовски на денешната расправа по Предлог- буџетот за 2018 година со бизнисмените, во врска со зголемувањето на акцизата за дизелот.

Во одбрана на зголемувањето на акцизата се јави Бранимир Јовановиќ, советникот на министерот за финансии, на својот „Фејсбук“ профил. Тој излезе со став дека поскапувањето на дизелот немало да се одрази по сиромашните граѓани, бидејќи тие не возеле автомобили?! Небулоза која може да се поистовети и со друга крајност, дека можеби и гладните нема да бидат засегнати бидејќи и онака немаат пари за храна?

Исто така, тој тврди дека покачувањето на акцизата на дизелот немало да доведе до општ раст на цените, туку дека општото ниво на цени ќе се зголемеле за околу 0.2-0.3 отсто. Значи, на крајот повторно калкулира со проценти, па сега, ќе се зголемат цените или не?

Ви го пренесуваме неговиот статус во целост:

Неколку работи околу акцизата на дизелот

1. Дизелот во Македонија е меѓу најевтините во Европа и убедливо најевтин во регионот. Литар дизел кај нас е околу 0.8 евра, во Бугарија и Косово е околу 1 евро, во Србија и Албанија околу 1.3 евра.

2. Разликата меѓу дизелот и бензинот кај нас е една од највисоките во Европа. Кај нас дизелот е поевтин од бензинот за околу 15-20%, во развиените европски земји нивните цени се приближно исти.

3. Акцизата на дизелот во Македонија е многу пониска од она што ЕУ го препорачува. ЕУ препорачува акцизата на дизелот да не е пониска од 33 евро-центи (20 денари), кај нас акцизата е 20 центи (12 денари).

4. Покачувањето на акцизата на дизелот може да придонесе за намалување на загадувањето. Со поскап дизел, на луѓето ќе им биде поисплатливо да користат алтернативни енергенси кои помалце загадуваат, како плинот.

5. Покачувањето на акцизата на дизелот нема да ги погоди најсиромашните. Дури 60% од сиромашните домаќинства во Македонија немаат автомобил. Најмногу ќе бидат погодени оние кои возат повеќе, а тоа се пред сѐ побогатите.

6. Покачувањето на акцизата на дизелот нема да доведе до општ раст на цените. Анализите покажуваат дека 3 денари повисока акциза на дизел ќе го зголеми општото ниво на цени за околу 0.2-0.3%.

7. Зголемувањето на акцизата на дизелот за 3 денари ќе донесе околу 30 милиони евра во буџетот. Тоа се 30 милиони евра повеќе за здравство, образование, социјална заштита, гасификација…

Откако ваквото негово објаснување како обид на популистичко политикантство, наиде на остри реакции во јавноста, тој се пожали на говор на омраза и лични напади без аргументи, па повика на љубов. Односно, на нападите, тој решил отсега да одговара со љубов!