Владата ќе додели 50 стипендии за студенти со македонско потекло од Балканот

Владата на денешната седница донесе одлука да додели 50 стипендии за студенти со македонско потекло кои живеат во државите на Балканскиот Полуостров.

„На денешната седница Владата донесе Одлука за доделување на вкупно 50 стипендии на странски државјани од интерес на Република Северна Македонија за студенти со македонско потекло кои живеат во државите на Балканскиот Полуостров кои ќе се запишат како редовни студенти на државните универзитети „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ – Охрид, на Универзитет „Мајка Тереза“ – Скопје и на Универзитетот во Тетово во студиската 2020/2021 година“, соопшти владината прес-служба.

На оваа седница, како што е наведено во соопштението, е донесена и Одлуката за утврдување на бројот на стипендистите и висината на стипендиите за ученици запишани во средните училишта во Република Северна Македонија за учебната 2020/2021 година.