Владата ќе го бара виновникот за пожарот во Тетово во саботажа?!

Според вантрешни информации од Владата, ќе се гради стратегија за префрлање на одговорноста за опожарениот ковид центар во Тетово и жртвите од пожарот, однoсно трагедијата да биде оквалификувана како саботажа.

Од утрово прва се огласи партијата на Павле Трајанов, Демократскиот сојуз, наведувајќи ги работите во таа насока.

– Во овој момент, најважно е истражните органи што побрзо да ги откријат причините за големата трагедија и, доколку се констатира дека зад тоа стои човечки фактор, итно да се преземат мерки за одговорност. Ковид-болницата во Тетово и претходно беше цел на криминални дејства, преку обидот да се уништат бакарните цевки за довод на кислород, така што овој случај не смее да остане со неодговорени прашања. Демократскиот сојуз на сите повредени од пожарот им посакува побрзо оздравување и, истовремено, ги повикува медиумите да се воздржат од сензационалистички шпекулации, велат од ДС.

Но, ќе посетиме дека ковид центарот што синоќа изгоре во Тетово беше тема во медиумите уште во месец април, годинава, кога економскиот директор на Клиничката болница Тетово, Артан Етеми изнесе одредени забелешки непосредно по примопредавањето на објектот.

„Забелешките се однесуваат на подот и уште неколку мали инфраструктурни грешки. Даден е рок за пет дена да се санираат грешките при изградба на модуларната болница. Струја и вода има. За системот за кислород сме во контакт со фирмата од каде што ни рекоа дека за два-три дена може да се постави. Системот е дојден до Инфективно и може да се поврзе. Ако не излезат други проблеми, наредна недела се надеваме дека ќе се пушти во употреба“, изјави тогаш директорот Етеми.

Како сето тоа е средено не е познато.

Од друга страна, приказната за човекот што ги сечеше цевките, заврши многу едноставно, го направил тоа од револт. А, дали некој го анализираше тоа, останува непознаница. Можеби уште тогаш дефектите во системот ги имало?!

Ако се избега од одговорноста, значи моралот и етиката се загушиле во чадот од тетовската модуларна болница.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.