Владата ги преполови инвестициите во образованието за 2018

Со ребалансот на буџетот, 16 милиони евра помалку за реконструкција на основни училишта, студентски домови и за изградбата на новите универзитети. Најголемите кратења во Министерството за обеазование се направени кај ставките високо образование за 5,3 милиони евра и кај ученичкиот стандард за 2,3 милиони евра. Средствата за основното образование се скратени за 1,1 милиони евра, додека ставката за средно образование е скратена за 950 илјади евра, пренесува АлсатМ.

Иако при носењето на буџетот за годинава за 5 отсто беа зголемени средствата наменети за образованието, сепак поради слабата реализација на проектите, најголем рез со ребалансот е направен токму во овој сектор. Министерот за образование Арбер Адеми тврди дека од кога тој дошол на функцијата министер за образование биле превземени сите активности за брза реализација на проектите кои што биле најавени во овој ресор.

Скратени средства со ребаланс на буџетот

Високо образование                        5,3 милиони евра

Основно образование                      1,1 милиони евра

Средно образование                        950 илјади евра

Ние како министерство направивме наши планови и ниту еден од тие инвестиции, тие проекти кои се во тек или кои се пред потпис на соодветните договори нема да има кратење како што ветивме пред јавноста. Тоа ветување ќе го држам јас како министер за образование и наука до крајот на годината, додека за следната година веќе ги правиме проектите, вели министерот Адеми.

Адеми вели дека ребалансот е развоен и се однесува на реалокација на средства за поддршка на инвестициски проекти. Односно дека не се работи за кратење на средства. Трошоците за администрација во образованието пак се скратени за скоро еден милион евра.

Во делот на капиталните инвестиции за 1,8 милиони евра или практично преполовени се и средствата за изградба на новиот Универзитет Мајка Тереза кој се уште не е почнат ни да се гради. Министерот најавува интензивирање на изградбата дури следната година.

Имајќи во предвид дека сме пред крај на фискалната година како резултат на немање можност да се искористат тие средства предвидени на почетокот на годината правиме реалокација, но Мајка Тереза ќе биде друга одлична приказна  која ние како влада ќе ја правиме. Од оваа година почнуваат постапките кои што се во надлежност на самиот Универзитет ние сме постојано во контакт со раководството на Универзитетот. Сигурно е дека работите ќе се интензивираат следната година, рече Арбер Адеми, министер за образование.

 

Скратени средства со ребаланс на буџетот

Изградба на основни училишта                                         1,3 милиони евра

Изградба и реконструкција на студентски домови      2,7 милини евра

Наука                                                                                           1,7 милиони евра