Владата ги прифати препораките, угостителските објекти ќе работат до 18 часот

Прифатени се препораките на Комисијата за заразни болести за нов пакет рестриктивни мерки, со цел да се избегне зголемување на бројот на заболени од Ковид-19. Мерката носи име „Празнувај одговорно“, рече Заев на денешната заедничка прес-конференција со министерот Филипче.

Новиот пакет на рестриктивни мерки кои се однесуваат на периодот од 18 декември до 21 јануари, е со цел да се избегне зголемување на бројот на заболени од ковид 19 во престојниот период на празници, а според него наместо како досега до 21 угостителските објекти ќе работат до 18 часот.

Останува на сила и забраната за собири на јавни места и се апелира до единиците за локална самоуправа да го засилат надзорот за почитување и спроведување на оваа мерка. Се препорачува забрана за групирање по плоштади за дочек и прослава на Новата година како и секаков вид на собири во периодот на празниците. А се забрануваат и секакви прослави во рамките на работните организации. Останува и апелот да не се излегува од дома без потреба, но сега по 18 часот.