Владата го истражува случајот со токсичните деривати, најави владиниот портпарол

По извештаите, кои ќе ги достават задолжените институции, кои имаат рок од две недели да утврдат секоја во својата надлежност во врска со сомневања дека во одреден период во земјата биле увезувани токсични нафтени деривати, ќе се знаат следните чекори кои ќе бидат преземени, изјави владиниот портпарол Душко Арсовски на денешната прес-конференција.

– Апсолутно ќе има одговорност и затоа и се задолжение сите овие институции, во рок од две недели да достават извештај по што ќе се постапува. Државата во повеќе наврати укажува дека нема да прави компромиси со здравјето на граѓаните и заштитата на животната средина – рече Арсовски.

Тој информира дека во споменатиот период Царинската управа земала мостри од увезениот мазут , но не утврдила пречекорувања во однос на сулфурот.

– Во врска со работењето на фирмата, која беше посочена во ова новинарско истражување во периодот од 2018 до 2020 година Царинската управа земала мостра за анализа при увоз на царинење во 84 увозни постапки. По години во 2018 – 34, во 2019 – 37, во 2020 – 13 мостри. Во ниту еден од доставените примероци не е пронајдено поголемо количество сулфур од дозволеното. Секторот за истраги на Царинската управа извршува контрола на работата на фирмата со која е опфатено целокупното нејзино работење во периодот од овие три години – рече Арсовски.

Според него, во февруари 2019 година  реагирал и  Државниот пазарен инспекторат  но и тој не нашол пречекорувања по извршената анализа од овластена лабораторија.

Владата на вчерашната седница задолжи неколку институции да направат веднаш контроли и за 14 дена да и достават информации.

Царинската управа е задолжена да спроведе внатрешна контрола за конкретниот случај, односно да се испита колкави количини од наведените нафтени деривати се увезени од 2018 до 2020 година и под која царинска шифра е извршен увозот и дали податоците во декларациите соодветствуваат со дериватот што е увезен.

Државен пазарен инспекторат, во соработка со Бирото за стандардизација и метрологија и со помош на акредитираната мобилна лабораторија за проверка на квалитетот на нафтените деривати треба да спроведе вонреден инспекциски надзор во компаниите што увезуваат, како и во институциите што користат вакви горива.

Државниот инспекторат за животна средина е задолжен да вонреден инспекциски надзор во компаниите увозници и корисници на мазут и на други нафтени деривати.

Министерството за економија, пак, треба да се побара што точно се испитува при увоз согласно Правилникот за квалитет на течни горива и дали одредбите од Правилникот се применуваат согласно европските стандарди.