Владата и бизнис заедницата се согласија дека 2013 беше добра година

Годината што изминува на економски план и за Владата и за бизнис заедницата е добра. И двете страни очекуваат добрата соработка што се остварила досега да продолжи и следната година. Ова е констатацијата од денешната средба на премиерот Никола Груевски и членови на Владата со бизнисмени од Комората на Северозападна Македонија.

Ова беше добра економска година каде заеднички секој го сработи својот дел. Владата преку општиот амбиент за работа, преку обезбедување евтини кредити, преку навремено раздолжување кон стопанството и плаќање на обврските и сите други политики и мерки, а бизнис секторот со својата креативност и претприемачкиот дух успеа да ја помине добро годината, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески по завршување на средбата.

Бизнис секторот на средбата од Владата побара и натаму да се работи на подобрување на бизнис климата, инфраструктурата, како што е железничко поврзаување со Албанија и автопатско поврзување со Косово, работата на администрацијата во одделни институции и користењето на средствата од ИПАРД програмата.

„Ова се предлози кои се контруктивни и добри и кои доаѓаат од искусни бизнисмени и наша задача и обврска е и натаму да помагаме и да настојуваме од се ова што може да се прифати и натаму да ја подобруваме бизнис климата и да има подобри услови за секој бизнисмен без разлика дали е мал или голем“, истакна Ставрески.

Стопанствениците од Комората на Северозападна Македонија ја потенцираа добрата соработка со Владата и веруваат дека и натаму таа ќе се подобрува.

„Како бизнис заедница сакаме да бидеме оптимисти и 2014 година сакаме да ја почнеме во оптимистички дух. Оваа наша средба не охрабрува во тој оптимизам, истакна претседателот на Комората на Северозападна Македонија“, Мендерес Кучи.

Тој додаде и дека се надеваат на уште почеста и подлабока соработка со Владата на Република Македонија од идната година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.