Владата и матурантите се договорија – државна матура со два интерни и два екстерни предмети

Иако со маски, сепак на лицата можеше да им се забележи насмевка поради постигнатиот договор. За да ја соопшти добрата вест, прв говореше премиерот Заев, кој на ладното време излезе без јакна. Рече дека ќе ги изнесе само главните точки.

Останатите точки од договорот ги соопшти претседателот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи. Додека се подготвуваше за својот говор, од џебот му испадна едно ливче, но премиерот се погрижи да му го врати…

„Наставниците треба материјалите за полагање и прашањата да ги подготват и споделат најдоцна три недели пред денот на испитот. Тие треба да содржат најмалку 60, најмногу 100 прашања. Се договоривме за зголемување на коефициентот кај несоодветниот екстерен испит од 0,5 на 0,9, односно од 5 на 9 поени“, истакна Бленди Ходаи.

Со оглед на тоа што конференцијата се одржуваше на отворено, Заев им се приближуваше на новинарите за подобро да ги слушне нивните прашања.

Инаку, дел од постигнатиот договор е првиот екстерен испит (мајчин јазик), да биде сметан за соодветен од страна на сите високообразовни институции. Државниот испитен центар да го врати испитот по естетика и филозофија како втор екстерен испит во уметничките училишта. Универзитетите да објават кои од листата на наставни предмети се соодветни за нивните студиски програми.

Со цел учениците да ги променат пријавените испити, треба повторно да ги регистрираат. Краен рок за можни измени е 5 март. Матурата ќе почне една недела подоцна, наместо на 29 мај, ќе почне на 5 јуни.