6.8 C
Skopje
среда, декември 11, 2024

Владата и МОН итно да преземат мерки за целосна онлајн настава и одвивање на образовниот процес

Во овие тешки времиња кога основна цел треба да биде здравјето, и борбата за здравјето на граѓаните, и кога треба да се бориме за зачувување на што повеќе животи од оние кое што ќе бидат инфицирани, државата и натаму треба да продолжи да функционира и во сите останати области. Добро организираните држави веќе преземаат мерки. Со оглед на тоа дека сме на почеток на епидемијата, сосема е извесно дека до јуни нема да има можност за отворање на училишните, образовните објекти и дека учениците физички нема да можат да одат на училиште, Весна Јаневска, претседател на Комисија за образование на ВМРО-ДПМНЕ.

-Македонија доцни во полето на образованието, за случаи од вонредно значење како што е сега борбата на корона вирусот. Со оглед на тоа дека далечинското учење во Македонија не е законски регулирано, освен задолжителната одредба универзитетите да поседуваат веб страници, во услови на вонредна состојба Владата треба да донесе уредба со сила на закон и да го регулира подрачјето на образованието во Македонија. Бидејќи ова тешки времиња, времиња на заедништво, времиња на емпатија, времиња на единство, би сакале да дадеме свој придонес, и даваме придонес за доброто на сите. Предлагаме целосна онлајн, хибридна настава, синхрона и асинхрона за спроведување на образованието во Македонија, која што треба најитно да се спроведе. Ги следиме различните препораки од разни извори, вклучувајќи и градоначалници. Луѓето прават што знаат и умеат, но државата има и министерство, има и министер за образование. Тие имаат функција, задолженија, обврски и одговорност, порача таа.

Вели дека поради тоа потребна е најитна акција.

  1. МОН да одбере платформа, бидејќи нема време да создаде сопствена, за целосно online учење.
  2. Да даде насоки на сите директори на основните и на средните училишта за користење на таа платформа.
  3. Преку Бирото за образование и наука да организира виртуелна обука на наставниците за користење на платформата и изготвување на наставните програми, синхрони предавања, видео снимки, „Powerpoint“ презентации и друго.
  4. Да им понуди шаблони односно темплејти на наставниците за наставните предмети и да посочи алатки кои може да ги користат.
  5. Да мапира ученици на кои треба да им се помогне со обезбедување на опрема за поддршка на современи апликации и истата итно да ја набави.
  6. Да обезбеди обука за родителите кои имаат потреба од тоа.
  7. За учениците со посебни потреби да обезбеди посебна обука на родителите.
  8. Да подготви посебна стратегија со употреба на информатичка технологија за оценување на стекнатите знаења, особено за учениците кои го завршуваат основното, но и средното образование и имаат намера да продолжат со своето образование.

-Впрочем, оние кои што завршуваат основно има законска обврска да го продолжат средното образование. Искрено се надевам дека онлајн учењето со своите предности, кога учениците имаат поголема флексибилност на учење, во однос на времето за учење, повторување, решавање на задачи и слично ќе ги заинтригира и заинтересира учениците, а родителите во вакви времиња, невремиња всушност, ќе добијат можност повеќе време и внимание да посветат на своите деца, да бидат заедно со нив, да им помагнат и да уживаат во успехот со онлајн учење на своето дете. Што не поминало, и ова ќе помине, почитувани граѓани, општеството полека ќе се враќа во својата нормална функција, но како што вели народната поговорка „секое зло за добро“, ќе остане системот за онлајн учење во нашата земја. За крај, чувајте се сите, носете ракавици, носете маски, не излегувајте од дома, не гушкајте ги пријателите, почитувајте ги препораките и бидете живи и здрави, порача таа.