Владата им помага на општините за отворање на индустриски зони

Процедурате за утврдување на над 10 нови локации за индустриски зони во поголем број на општини во земјата е во тек. Се унапредуваат условите за привлекување на инвестиции од странство, но и за поддршка на домашните бизнисмени, за отворање на нови капацитети кои би биле лоцирани токму во индустриските зони, пишува „Курир“.

Отворањето на капацитет во индустриските зони, кои се под ингеренции на општината, за бизнисмените значи евтина цена за купување на земјиштето за изградба на капацитетот и комплетно уредена инфраструктура од страна на општината за функционирање на бизнисот.

Позитивните примери од дел од општините да се пресликаат низ целата територија

Позитивните примери на индустриските зони во Илинден, Битола и други општини, Владата сака да ги преслика низ целата територија давајќи поддршка на општините.

Индустриските зони се под ингеренции на општините, но тие се дел и од владината  програма и политики за поддршка на бизнис секторот и зголемување на вработеноста. Владата е активна во поглед на утврдување на локации за креирање на најмалку 10 нови индустриски зони на целата територија на Република Македонија. Се чини дека овој процес ќе биде завршен кон крајот на февруари, утврдувањето на локациите. По усогласување и потврда на овие локации од страна на општините ќе се започне со изработка на урбанистичките планови кои ќе бидат финансирани од страна на Владата, така ќе ги ослободиме општини од дел од трошоците кои се наменети за изработка на овие урбанистички планови. По изработката на плановите, во текот на оваа година, ќе се создадат услови за непосредно конкретно инфраструктурно излегување на терен и креација на самите зони. Ова е уште еден добар пример за соработка меѓу централната и локалната власт се со цел зголемување на вработеноста и поддршка на домашната економија, истакна владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Во тек е утврдување на погодни локации за формирање на нови локални индустриски зони во повеќе општини во скопскиот регион,  но и во западна и источна Македонија и во повардарието.

Се врши анализа на погодни локации

Министерството за транспорт и врски, во соработка со Агенцијата за катастар на недвижности и Агенцијата за планирање на просторот врши анализа на погодни локации за изработка на урбанистичко планска документација за формирање на нови индустриски зони.

Анализата опфаќа утврдување на земјиште во сопственост на Република Македонија, со површина над 5 хектари.  По утврдување на погодни локации од аспект на сопственост на земјиштето и можности за урбанизација, во соработка со единиците на локалната самоуправа финално ќе се дефинираат погодните локации и ќе се отпочне со изработка на урбанистички планови.

Со ова ќе се овозможи формирање на најмалку десетина нови индустриски зони, со повеќе од 10 градежни парцели за изградба на нови индустриски капацитети.

Реализацијата на овие индустриски зони ќе оди со продажба на парцелите по пат на електронско јавно наддавање, со почетна цена од 1 евро за м2, каде што право на учество ќе имаат сите заинтересирани инвеститори, физички и правни лица.