Владата категорична: Учебната година почнува на 1 февруари со физичко присуство

Министерството за образование и наука денеска остана на ставот дека второто полугодие ќе започне на 1 февруари и тоа со физичко присуство, наспроти барањата од Синдикатот за образование и наука (СОНК) да се преиспита одлуката, односно наставата во првите две недели да се одвива од далечина.

– Сите одлуки околу начинот на организација на наставата во услови на пандемија секогаш се носат врз основа на насоките и препораките кои МОН и Владата ги добиваат од Комисијата за заразни болести како тело задолжено за координација на сите мерки и активности за спречување на ширењето на заразата предизвикана од ковид-19, земајќи ги притоа предвид и препораките на УНИЦЕФ. Согласно вчерашната одлука, наставата во второто полугодие почнува на 1 февруари со физичко присуство во училиштата и со почитување на важечките здравствени протоколи донесени уште пред почетокот на учебната година, стои во одговорот од Министерството за образование испратен до СП.

Од СОНК сметаат дека наставата со физичко присуство ќе го загрози здравјето на учениците и наставниците. Претседателот на СОНК Јаким Неделков е против владината одлука.