Владата ќе ги обештети лозарите до крајот на март

Државата планира да си ги наплати парите од винариите должници во следните три години, така што како нив ќе им стигнуваат средства, сметките ќе им се блокираат и парите преку Управата за јавни приходи ќе одат во државниот буџет.

Владата донесе одлука да ги обештети лозарите кои не добиле пари од 2014 година. Министерот за земјоделство тврди дека на овој начин не се откупува долгот од винариите туку им помагаат на лозарите.

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски очекува лозарите да ја добијат дополнителната поддршка за неисплатеното винско грозје до крајот на март годинава.

Како што рече денеска на прес-конференција во Владата, процедурата за исплата ќе зависи од времето што му е потребно на Државниот земјоделски инспекторат за обработка на податоците. Тоа веројатно ќе трае околу 15 дена.

-Државниот инспекторат од утре ќе направи јасен пресек колку должници има, истакна Николовски, нагласувајќи дека трудот на лозарите мора да се плати.

За парите што ќе им ги исплати на лозарите, Платежната агенција ќе бара и очекува да добие средства со ребалансот на буџетот кога тој ќе се донесе. Државата, пак, планира да си ги наплати парите од винариите должници во следните три години, така што како нив ќе им стигнуваат средства, сметките ќе им се блокираат и парите преку Управата за јавни приходи ќе одат во државниот буџет. За ова вчера имало забелешки од Министерството за финансии, кои потоа се усогласиле, и ќе бидат изработени соодветни решенија.

Владата годинава за субвенции на земјоделците вкупно планира да исплати вкупно 99,8 милиони евра, што е помалку за околу 10 милиони евра од лани исплатените средства. Министерот вели дека ова се должи на фактот што дел од поддршката за земјоделството ќе се реализира и преку програмата за рурален развој, а дел преку ИПАРД средствата за кои има голем интерес, но вкупните пари ќе бидат повеќе од претходно. Платежната агенција ќе биде концентрирана само на субвенциите, каде има нов начин на олеснети контроли и веќе не се дозволува застој, туку земјоделците навреме ги добиваат парите.