Владата ќе троши половина милион евра за хонорари

Половина милион евра ќе потроши Владата за авторски хонорари. Склучен е годишен договор со Агенцијата за интелектуална сопственост „Артпицк“ преку која ќе се префрлаат пари по разни основи. Потписник на договорот во име на Владата е генералниот секретар Драги Рашковски.

„Вредноста на договорот ќе се реализира во зависност од бројот на авторите што договорниот орган ќе има потреба да ги ангажира преку авторската агенција. Овој договор е за најмногу една година“, пишува во тендерската документација.

Ова е  последен во низата договори што ги склучува државата за времено ангажирање луѓе. Претходно Јавното претпријатие Комунална хигиена преку Агенцијата за привремени вработувања „Мотиви“ одвои 1 милион и 850 илјади евра за работници.

Само овој месец над 10 државни институции имаат објавено огласи за вработување и на определено и на неопределено. Во време на распишан референдум се нудат позиции на советници, соработници, помлади соработници и раководители. На листата вработувачи се Државниот архив, Министерствата за одбрана и образование како и Општина Центар.