Владата му даде рок на АЕК од три дена да и исплати повеќе од милион евра на ОТА

Владата му даде рок од три дена на Агенцијата за електронски комуникации да и исплати 64 милиони денари на Оперативно-техничката агенција, иако кај регулаторот на мобилните оператори имаше дилема дали за време на вонредна состојба, односно во период додека е распуштено Собранието треба да ги исплати овие пари.

Според Владата, агенцијата е должна да и ги исплати средствата за финансирање на ОТА, иако АЕК претходно бараше мислења од адвокатска куќа како и од неколку ревизорски куќи.

„Бидејќи дилема сеуште постои, Директорот предложи да се одложи оваа ситуација за некој ден со цел да се прибават уште некои мислења со цел да се дефинира некаков став околу ова прашање“гласи епилогот од последната седница на комисијата на АЕК.

Мобилните оператори за прв пат откако е формирана посредно ќе и платат на Оперативно-техничката агенција 1,1 милиони евра за нејзиното работење во текот на 2020, наместо тоа да го финансира целосно централниот државен буџет, како што беше првично предвидено, и да не се остави простор за судир на интереси.

Според Законот за оперативно-техничка агенција и Законот за следење на комуникации , од оваа година мобилните оператори треба делумно да ја финансираат работата на ОТА која ги следи комуникациите под посебни истражни мерки како независно тело што произлезе од реформата на безбедносните служби.

Посреднички, според финансискиот план за 2020, Агенцијата за електронски комуникации, која се финансира од мобилните оператори, ги собрала овие пари минатата година по два основи и ќе и ги исплати на ОТА. Спорен е и процентот, бидејќи колку повеќе приходи собира АЕК од нив, толку повеќе пари ќе има и за безбедносната служба.

Станува збор за 50 отсто од вкупните реализирани приходи кои АЕК ги остварила за претходната календарска година од годишните надоместоци кои операторите ги плаќаат за надзор на пазарот и 10 отсто од вкупните реализирани приходи кои АЕК ги остварила за 2019 од надоместоците од имателите на одобренија за користење на радиофреквенции. Годишниот извештај покажува дека тоа се вкупно 66.950.000 денари. Од првиот основ се собрани 25.500.000 милиони, додека од вториот ги има 41.450.000 милиони. Слична вкупна сума од 63 милиони денари треба да се платат на ОТА според приходите од 2018-та.

Во текот на минатата година владините функционери тврдеа дека законските измени за делумно финансирање е привремено решение. Меѓународните експерти не го поддржуваат ваквиот начин на финансирање на едно независно тело од друг независен регулаторен орган..