Владата на 33 здруженија на граѓани ќе им подели 19,8 милиони денари

Владата донесе Одлука за распределба на 19.800.000 денари од државниот Буџет за 2021 година за финансирање програмски активности на здруженија и фондации.

Ќе се финансираат активности на 33 здруженија на граѓани за проекти распределени во седум приоритети, информира владината прес-служба по денешната  седница на Владата.

Првиот приоритет е Обезбедување забрзан и одржлив економски раст, повисок животен стандард и квалитет на живот на граѓаните и за него се доделени 6.600.000 денари, вториот е Справување со светската пандемија предизвикана од ковид-19, со вкупно доделени 6.000.000 денари; третиот – Заштита на животната средина, зелен развој, намалување на аерозагадувањето и влијанието на климатските промени, со 1.800.000 денари.

Четвртиот приоритет е Владеење на правото, независност на правосудството, доследна и неселективна борба против криминалот и корупцијата со широка и обврзувачка транспарентност со 1.800.000 денари. За петтиот приоритет – Квалитетно образование достапно за сите согласно побарувачката на пазарот на трудот, се доделени 2.400.000 денари; за шестиот – Модерна и ефикасна јавна администрација базирана на дигитализација која обезбедува квалитетни и брзи услуги за граѓаните и деловните субјекти 600.000 денари, а исто толку и за седмиот приоритет – Успешно водење на пристапните преговори со Европската Унија.