Владата на итна седница формираше комисии кои на терен ќе ги проценуваат штетите од ниските температури

290

Формирани се комисии при Владата на Република Македонија за проценка на штетите на овошните и лозови насади поради неспецифично ниските температури кои ја погодија нашата држава периодов. Министерот за земјоделсто, шумарсто и водостопанство Михаил Цветков кажа дека штетите се навистина големи бидејќи минативе две вечери температурите се спуштија и до минус 7 степени.

„Владата на Република Македонија на вечерашната вондредна седница расправаше по повод настанатите штети на овошните и лозови насади од мрзнење, имајќи во предвид дека изминативе две вечери температурите се спуштаа и до минус 7 степени. На вечерашната седница беа присутни и повеќе градоначалници од општините каде имаше и најголеми штети и тие ја информираа владата на Република Македонија. Од она што беше кажано може да се заклучи дека штетите на овие овошни лозови се доста големи. Затоа владата донесе две одлуки, прво вечерва да ги формираме комисиите кои што од утре ќе излезат на терен и ќе направат записници на сите овие овошни и лозови насади за настанатите штети. Второ, имајќи во предвид  дека се уште немаме избрано нова влада е формирана комисија од повеќе институции, каде што треба да ја изнајдеме најдобрата методологија, односно по кој закон истите ќе се исплаќаат, така да во вторник на редовната седница на владата на Република Македонија ќе дадеме извештај по овие две информации“, рече Цветков.

Заменик министерот за земјоделсто, шумарство и водостопанство, Ванчо Костадиновски, кажа дека комисиите од утре ќе бидат на терен, ќе се прават итни и првични анализи, проценки на настанатата штета од мразот и соодветно на тие процени ќе се продолжи понатаму по востановената методологија, по која што треба да се изврши исплатата на штетите кои што се предизвикани од мразот.

„Од денешниот увид на терен можам да констатирам дека навистина неспецифичните временски услови кои што ја зафатија Република Македонија и она што мразот како неповолен временски настан оквалификуван од УХМР направи штети на јаболковите насади во преспанскиот регион. Истото можам да кажам дека се однесува и на сите останати региони во Република Македонија, со исклучок на една или две општини во јужниот дел на Република Македонија. Во таа насока сакам да кажам дека комисиите кои што се формирани ќе бидат утре на терен, ќе се направат итни и првични анализи, процени на настаната штета од мразот и соодветно на тие процени ќе се продолжи понатаму по востановената методологија, по која што треба да се изврши исплатата на штетите кои што се предизвикани од мразот“, појасни Костадиновски.

На новинарско прашање, дали ќе се следи досегашната пракса на исплата на 30 отсто од вкупната штета, одговор дадоа и министерот и заменик министерот. Заменик министерот Костадиновски, кажа дека треба да се утврди методологијата по која ќе се врши исплата на штетата.

„Како што спомна министерот, комисијата која што е составена од повеќе институции, треба да ја утврди методологијата по која што ќе се изврши исплатата на штета, по претходно направените првични процени од штетата која што е предизвикана поради мразот и согласно на тие процени и воспоставената методологија, ќе се утврди на кој начин ќе се утврди износот и вредноста на штетата“, рече Костадиновски.

Министерот Цветков посочи дека може да се исплати и 100 отсто од штетата, согласно средствата со кои располага министерството.

„Согласно законот штетите се исплаќаат до 100 проценти, значи не е кажано дали ќе биде 5, 10, 30 или 100 проценти. Секако дека зависи од оштетувањата кои се, односно вкупната сума која треба да се обештети и согласно средствата со кои ние располагаме во нашите програми, така да процентот не може да го одредиме сега, туку ќе го одредиме согласно штетата и согласно парите со кои располагаме. Но секако сакам да кажам да бидат безгрижни имајќи во предвид дека во изминативе години сме имале вакви штети и 2014 и 2015  и 2016 година, еве и оваа година. За жал временските прилики, климатските промени тоа го прават. Треба да бидат сигурни дека ќе ги обештетиме. Ќе најдеме начин,ќе најдеме пари да ги обештетиме“, порача Цветков.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.