Владата најитно да го осуди однесувањето на Радев и Захариева

Владата треба најитно да го осуди однесувањето на Радев и Захариева, како и на другите бугарски политичари кои се закануваат врз интегритетот на Македонија и веднаш да ги извести сите меѓународните претставници во земјава, но и ЕУ и НАТО конкретно за однесувањето на Радев, бара ВМРО-ДПМНЕ и нагласува дека во спротивно Заев ќе биде директно виновен за поткопувањето на суверенитетот на државата и ќе сноси одговорност.

„Зоран Заев и СДСМ ја доведоа Македонија во подредена и понижувачка состојба со Бугарија. Заканите за интервенции на бугарски разузнавачки служби на територија на Македонија од страна на Румен Радев се директна вина и одат на контото на Зоран Заев, кој ја понижи државата, и ја клекна на колена. Македонија трпи закани заради Заев, кој се откажа од македонското малцинство во Бугаријa и ги фрли во бунар чувствата на илјадници Mакедонци, а е жртва на измислени сценарија и режии со наводни проблеми со Бугари во Македонија”, соопштува ВМРО-ДПМНЕ и додава дека Заев не е во способен да го спроведува Уставот и да го заштити територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија и дека сериозно го поткопува принципот на суверенитет гарантиран со меѓународното право.

Од партијата велат дека доколку Заев не реагира адекватно дека тој станува соучесник во дестабилизација на државата.