Владата во 17 часот ќе одлучува за празничниот полициски час

Владата, денеска, на седница во 17 часот ќе одлучува дали ќе го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести за тоа каков да биде полицискиот час во текот на продолжението викенд.

Предлогот на Комисијата е полицискиот час да започне утре во 19 часот, а да заврши во вторникот во 5 часот наутро. Тој беше објавен уште во средата.

Спасовски не изнесе став за овој предлог, но порача дека досега секогаш се повикувале и носеле одлука врз основа на мислењето на стручните луѓе затоа што политичките одлуки не се решенија за здравствени проблеми.

Премиерот вели тоа што дури за денеска попладне ја закажал седницата за одлука за полицискиот час не значи дека има недоразбирања.

„Нема никакви причини, ниту недоразбирања, ниту различни ставови, скоро 100 проценти сме едногласни, со исклучок на министерот претставник на опозицијата во Владата, дека треба да носиме одлука врз основа на науката, а не врз основа на политиката“, рече Спасовски.

Во однос на притисоците да нема строг полициски час, тој порача дека од државата нема посилен никој.

„Да расчистиме – од државата нема посилен никој. Ни политичар ни верски лидер ни институција, никој. Државата е таа која ги носи одлуките и таа е која што управува со системот во вакви ситуации. Воопшто ако некој мисли дека ќе врши притисок по разно разни основи треба да знае дека преку притисок нема да издејствува ништо. Ако носевме одлуки под притисок ние требаше да имаме по 2 седници во еден ден, на сабајле рестриктивни мерки, а навечер да носиме спротивни. Ние сме одговорни луѓе, сериозни и носиме одлуки кои се исклучиво в о интерес на заштита на здравјето на граѓаните“, рече Спасовски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.