Владата на Србија усвои 10 нови заклучоци за унапредување на изборниот процес

Српската влада на денешната седница усвои десет нови заклучоци на Работната група за соработка со ОБСЕ и соработка со Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР), со кои, дополнително се подобрува изборниот процес во Србија.

Како што се наведува во владиното соопштение, меѓу другото, наложена е обука на овластени лица за ажурирање на Единствениот избирачки список и негова интернет презентација, обука на сите потенцијални членови на избирачките одбори, а меѓу заклучоците е и овозможувањето на граѓаните, по нивно барање, да направат увид во избирачкиот список по гласањето.

На Министерството за државна администрација и локална самоуправа им е наложено да воведат посебна страница на интернет презентацијата каде ќе бидат достапни сите информации за избирачкиот список, пред сè неговото ажурирање, промена на податоците во изборниот список, како и начинот на внесување на измените во изборниот список, се наведува во соопштението на Српска влада.

Ќе бидат достапни и информациите за лица за контакт, телефонски броеви и е-адреси во Министерството за државна администрација и локална самоуправа, кои се надлежни за Единствениот избирачки список.

Сето ова се прави, според владиното соопштение, со цел дополнително да се информираат граѓаните за нивните избирачки права според место на живеење во земјата или во странство, како и начините на кои граѓаните можат да проверат дали информациите во Единствениот избирачки список се точни.