Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе издвојува денар за спортот и денар за културата од акцизите за горива, порача Стојаноска

Дафина Стојаноска носителката на листата за изборна единица 6, во рамки на предизборните активности во Гостивар најави дека по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт ќе започне со реализација проекти важни за културата и културното наследство.

Таа од пред Националната установа Центар за култура АСНОМ во Гостивар потенцира дека културата е многу значаен фактор за идентитетот и развојот на секоја држава.

„ВМРО-ДПМНЕ во програмата „Обнова“ има посветено доста труд и време токму за културата. Наши културни приоритети се: културниот идентитет, културното наследство, уметничкото наследство, работници во културата, културните и креативни индустрии, меѓународната културна соработка и инфраструктурата за наредните десет години“, рече Стојаноска.

Таа ги критикува СДС за покачувањето на акцизите за нафта и нафтени деривати, кои како што напомена се случило во два наврати за време на нивниот тригодишен мандат.

„Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе издвојува денар за спортот и денар за културата, што ќе значи сериозна придобивка за овие две гранки, кои и тоа како се битни за обнова на Македонија. На 15-ти јули заокружете го бројот 14, за да имаме повеќе за секого, но и повеќе за културата во Македонија“, истакна Стојаноска.

Во текот на денот, Дафина Стојаноска ќе оствари средби со угостители од Гостивар, членките на унијата на жени, а во вечерните часови ќе има средби со граѓани во населбата Дутлок.