Владата најави борба против лажните вести

Владата изготви Акциски план за справување со дезинформациите кои, како што изјави денеска премиерот Зоран Заев, стануваат сериозен упад во демократските и изборните процеси и влијаат на довербата на граѓаните во институциите и медиумите.

-Дезинформациите се еден од главните предизвици за демократијата во 2019 година и алатка за манипулација со граѓаните. Злоупотребата на технологијата за креирање лажни ентитети и непостоечки измислени случувања станаа сериозен упад во демократските и изборните процеси и сериозно се закануваат да влијаат на довербата на граѓаните во институциите и медиумите, изјави на денешната прес-конференција премиерот Заев.

Тој додаде дека земјава во изминатите две години во повеќе наврати се соочила со масовно ширење дезинформации на социјалните мрежи и на традиционалните медиуми, а, како што рече, дел од информациите биле споделувани и од територии на други држави.

-Како одговор на овие сајбер закани и согласно заложбите за отвореност, отчетност и транспарентност Владата работи на Акциски план за справување со дезинформациите на системско ниво. Наша цел е да ја зајакнеме нацоналната безбедност и сигурноста на граѓаните на нашата земја и да ја браниме и унапредуваме демократијата, рече Заев.

Владата на својата официјална веб-страница ќе одговара на прашања на новинарите и граѓаните.

„Јас веќе користам нов број и апарат со безбедносен протокол. Проактивни мерки ќе бидат преземени за активна транспарентност со цел да се доближи работата до граѓаните. Ќе се создаде листа на документи и информаци, кои ќе треба да ги објавуваат и ажурираат. Владата на својата веб страна ќе одговара на прашања на граѓани и медиуми. Ќе спроведуваат едукативна програма за дезинформациите и нивното штетно влијание. Медиумската писменост ќе биде застапена во образовните програми а владата активно ќе ја поттикнува“, додаде Заев.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.