Владата не знае, Здружението за обнова не кажува колку институции донирале за „Глобал“, но по санирањето ќе им додели благодарници

Нема информации за тоа колку државни институции досега донирале и колку пари се дале за обнова на обожарениот трговски центар „Глобал“ во Струмица. Од Владата велат дека немаат увид, додека од Здружението за обнова, пак, велат дека ќе по завршувањето на санациите ќе побараат согласност од дарителите за објавување на хуманите дела.

На иницијативна на Здружението на граѓани „Обнова на Глобал“, Владата на 40-та седница (19 јануари) донесе заклучок да им препорача на органите на државната управа, јавните претпријатија основани од државата, акционерските друштва во државна сопственост, агенции, фондови, бироа, заводи, управи и сите останати државни институции, на единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија и другите правни лица основани од единиците на локалната самоуправа, како и на приватниот сектор, во рамки на своите финансиски можности да донираат средства на Здружението на граѓани „Обнова на Глобал“ – Струмица со цел обновување и реконструкција на опожарениот објект на ГТЦ „Глобал“ – Струмица.

И покрај тоа што се гордеат со својата транспарентност за трошењето на народните пари, од Владата за „Република“ велат дека немаат увид колку државни институции, претпријатија итн досега донирале за обнова на комплексот, кои се тие и колку средства се досега собрани од државната каса.

-Ова не беше задолжение туку повик за поддршка на хумана идеја, Владата нема увид за собраните средства, а за одговор ве упатуваме во Здружението и до сите на кои беше упатена препораката, велат оттаму.

Во име на Здружението на граѓани „Обнова Глобал“, Стојан Манев вели дека како здружение донеле став дека секој нивен донатор, без разлика дали е физичко лице, правен субјект, државна установа или медиум, ќе биде исконтактиран од нивна страна откако ќе биде завршена санацијата на штетите и во духот на благодарност за помошта ќе му биде доделена Благодарница за покажаните хумани гестови.

Во истиот момент, додава Манев, ќе побараме и согласност за јавно истакнување на хуманите дела.

-Свесни сме за огромното внимание кое го привлекуваат настаните поврзани со ГТЦ „Глобал“, но би сакале токму тој моментум да го искористиме за што е можно поскоро собирање на што повеќе донации од хумани граѓани, компании, па и државни органи, на кои нема да им причинува проблем и терет донирањето на финансиски средства, вели Манев и замолува да не се дава ниту една трунка политичка конотација и поврзување со било кој политички субјект во државата, бидејќи, како што вели, со ваквите акти на дневно политички игри и здобивање со ситни поени, најголеми губитници ќе бидат токму тие, сопствениците и корисниците на деловните објекти во ГТЦ „Глобал“.

Она што е засега откриено во јавноста е дека меѓу оние што донирале се Општината Ѓорче Петров и Општина Велес, за кои следуваа доста реакции од граѓаните и на двете места.

Засега никој нема сносено одговорност, ниту е познато до каде е истрагата за пожарот, кој избувна ноќта на 2 јануари, и во кој беа пеплосани една третина од Градскиот пазар, повеќе продавници на приземјето и првиот кат, дел од вториот и третиот, а се урна и покривот.

На страна гневот за дивоградбата во која токму нефонкционалните хидранти и противпожарен систем, пропустите и криминалиите на сите вмешани во таа изградба и одржување на објектот, кои ни се познати на сите, доведоа до оваа трагедија, во пожарот на „Глобал“ најголеми губитници се токму сите опожарени и неопожарени сопственици и корисници на деловни објекти, околу 200 фамилии од Струмица и околината.

Во нивно име го упатуваме овој апел за донации:

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.