Владата од келнерите ќе прави детективи за утврдување семејни врски

461

Во низата благо речено непримерени и неразработени мерки, и не само во справувањето со епидемијата, Владата предводена од СДСМ донесе уште една несфатлива одредба со која угостителите ќе треба да ги легитимираат гостите во нивните локали за да утврдат дали се од едно семејство, доколку сакаат да се напијат кафе.

Угостителите ќе бидат одговорни да бараат и лични карти од гостите, за да видат дали се од исто семејство, а со тоа, да ги сместат на маса со четири столчиња, и притоа инспекторатите нема да ги казнуваат гостите во угостителските објекти, туку фирмите доколку не се почитуваат протоколите за работа, најави директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски.

„Контролата е насочена на кафетериите и оние кои вршат угостителска дејност. Дали лицата се две или четири на маса е одговорност на оние кои вршат угостителска дејност…. Протоколите се донесени за да ги спроведуваат угостителите и тие се одговорни да бараат лични карти и да даваат соодветни места на оние кои ќе дојдат кај нив, па согласно тоа ќе преземаат мерки. Келнерот, односно газдата ќе ги спроведува протоколите, а не инспекторите, ние вршиме контрола кај угостителите. И 12 лица може да бидат на маса, но да се распоредени со соодветна дистанца“, рече Пауновски.

Меѓутоа, тука се поставува прашањето, доколку инспекторите не може да ги легитимираат граѓаните, од кој правен акт произлегува правото на вработените во локалите да имаат увид во документите за идентификација на гостите. Кои содржат и лични податоци, што отвора и можност за злоупотреби на лични податоци.

Покрај тоа што ова се коси и со одредбите од за ситуации во кои се врши проверка на идентитетот на едно лице, интересно е и тоа како угостителите ќе утврдуваат дека некои лица се во роднинска врска кога кај нас многу презимиња се повторуваат, а има и ситуации кога членови од едно семејство од разни причини носат различни презимиња. Постојат, секако, и повеќечлени семејства. Дали, во тој случај келнерите ќе треба да прават и ДНК тестови за да утврдат роднинска поврзаност, сепак надлежните не предвиделе. Барем засега.

Од друга страна, пак, министерот за економија Крешник Бектеши потсети дека келнерите и остантиот персонал во угостителските објекти, не смеат да ги легитимираат гостите. Бектеши тврди дека согласно Законот за угостителска дејност нема одредба според која сопствениците, менаџерите и вработените во угостителските објекти имаат надлежност да ги легитимираат гостите.

„Ние како Министерство за економија ќе пратиме писмо до до Комисијата за заразни болести, ако претходно имавме забелешки, сега и во пракса во првиот ден, откако се отворија угостителските објекти може да се види дека протоколот тешко се применува, и од страна на угостителите, и од страна на гостите. Секако, ќе бараме од Комисијата за заразни болести да ги преиспита овие одредби во протоколот за да нема заблуди и кај граѓаните, и кај угостителите“, рече Бектеши.

Покрај одговорноста којашто им се префрла на угостителите, кои и во вакви олабавени мерки, тешко дека ќе може да остварат заработувачка за подмирување на основните дневни трошоци за фунцкионирање на нивните локали, власта предвидела и курс за нивна брза едукација.

А казнувањето ќе почне по десетдневната едукација која ја најави претседателката на Инспекциски совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска, но доколку се забележи дека и по едно укажување на угостител тој повторно прави прекршок, тогаш казната ќе се казни веднаш.

„Планирано е во наредните десетина дена, од денес до крајот на наредната недела инспекциски тимови да вршат информативни посети и да ги едуцираат угостителските објекти. Се надевавме дека е тоа е доволен период да се известат сите, па ако треба ќе се продолжи. Целта е еднаш на секој угостител да му се укаже и образложи протоколот, доколку се забележи дека и покрај укажувањата тие не ги почитуваат, тогаш нормално е дека ќе има казни. Фокусот за почеток е да им се објасни да сите угостители кои се мерите и што е тоа кое мора да го почитуваат“, рече Филиповска Грашкоска.

Очигледно, дека власта за својата нестручност и неспособност повторно одговорноста ја префрла на „свеста“ на граѓаните и вработените.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.