Владата одлучно против лажните вести или кон цензура !?

Презентацијата на премиерот Зоран Заев на предлог планот за акција против ширење на деизнформации и против напади врз демократијата ја крена на нозе јавноста, медиумите, новинарите и експертите по комуникации. Речиси сите се предупредуваат дека планот што го предлага Заев и активностите што се предвидуваат засигурно водат кон намалување на слободата на медиумите и цензура.

Реагираше Здружението на новинари со оценка дека дел од предложените мерки се проблематични.

„Со загриженост ги проследивме дел од проактивните мерки и тоа особено оние кои имплицираат на платени кампањи во приватните медиуми, најавата за ко – регулација, воведување на критериуми за акредитирање на медиуми кои ќе имаат право да ги следат владините настани во согласност со стандардите на новинарската професија како и формирање на акциска група за борба на дезинформации со проблематичен состав и улога. Недореченоста на овие предлог мерки може да се толкува како обид за ограничување на слободата на изразување а со тоа да се нанесе штета во и така кревкиот медиумски сектор во нашата земја“, се вели во реакцијата од ЗНМ.

За ВМРО ДПМНЕ нема дилема дека вчерашната презентација на владиниот план, во координација со повикување на распит на двајца новинари е јасна порака до медиумите и новинарите да замолчат или можно е сите да одат во затвор.

„Зоран Заев вчера претстави план за цензура. Со вчерашниот план Заев и СДСМ напоменаа дека сакаат да не направат нас тука како Северна Кореја, земја во која што граѓаните не знаат што се случува во сопствената држава, а не пак надвор. Заев и СДСМ се плашат да бидат откриени за целиот свој криминал што го прават, па затоа носат вакви планови од кој е згрозена целата јавност, каде што медиумите се соочуваат со уцени, закани и со цензура,“ вели портпаролот на ВМРО ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Што предвидува планот на Заев за спречување на лажни вести?

Планот на Заев е спорен во речиси секој дел. Од формирањето на Акциска група која ќе следи и одлучува што е лажна веста до поставување критериуми за медиумите кои се акредитирани да ги следат владините настани.

  • Акциската група за борба против дезинформации и напади на демократијата во која ќе учествуваат претставници на претседателот на државата, Владата, Собранието, МВР, Министерството за одбрана, за надворешни работи, УБК и другите безбедносни и разузнавачки служби. Сите тие ќе бидат координирани од министерот за комуникации, транспарентност и отчетност, Роберт Поповски, а одговорен ќе биде и посебниот советник на Заев за односи со јавност. Марјан Забрчанец.

 

  • Оваа група ќе оценува што е дезинформација и во соработка со социјалните мрежи и ќе ги известува кои профили и објави шират дезинформации

 

  • Владата ќе воведе јасни критериуми за медиумите кои се акредитирани да ги следат владините настани и прес конференции, во согласност со стандардите на новинарската професија

Од планот што вчера го презентираше Заев овие точки се издвојуваат како најспорни и најголема закана за слободата на медиумите и новинарите. На Владата веднаш и беше забележано што во акциската група не е предвидено да членуваат новинари или пак нивните здруженија кои се најрелевантни за да оценуваат што е дезинформација или лажна вест. Втората од горе наведените точки се толкува како воведување на цензура и на социјалните мрежи односно ќе се прегледуваат и статуси на обични луѓе кои споделуваат мислења на одредени теми, а кои група може да ги оцени како дезинформација.

За новинарите особено внимание треба да се посвети на критериумите кои владата планира да ги воведува, особено што вчера ниту Заев ниту Забрчанец не изнесоа детали и не појаснија какви критериуми се планираат и што тие ќе значат за новинарите кои во моментов се акредитирани за владините настани.