Владата потрошила 5 милиони евра за изнајмување на возила на лизинг од висока класа, ДКСК се сомнева дека ѝ биле потребни

Во периодот од 2018-2021 година Владата потрошила пет милиони евра за изнајмување возила по пат на т.н. оперативен лизинг, беше речено на денешната седница на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК).

Комисијата заклучила дека вакви договори најчесто се склучувани со ист економски оператор кој бил фаворизиран, и не претходела анализа на исплатливоста на изнајмување на возила преку лизинг, пишува Нова.тв.

Од тие причини ќе биде доставена детална анализа на заменик премиерката за политики за добро владеење Славица Грковска, со препорака да обрне внимание на склучување на лизинг договори за пополнување на возниот парк на Владата и институциите под нејзина надлежност.

Анализата на ДКСК покажа дека продажната цената на возило од моделот Skoda Superb Ambition 2.0 Comfortline што беше набавено за министрите по пат на лизинг, во 2021 година изнесувала приближно 39.000 евра за едно, или 1.755.000 евра за 45 возила (107,932.500 денари). Тоа е вредност што во случај на купување на возилата СОЗР би ја платила, а по истекот на три години би останале во сопственост на СОЗР. При лизингот возилата се користат со одреден месечен надомест кон автосалонот, а по истекот на три години се враќаат назад, во исправна и возна состојба.

„Имајќи предвид дека се работи за возила од висока класа кои по истекот на три години од производството сѐ уште се атрактивни за купување, продажбата на истите по истекот на ри години би резултирала со генерирање на приходи во износ од најмалку 1.228.500 евра, колку што би изнесувала сметководствената вредност на 45-те возила по истекот на тригодишниот период“, велат од ДКСК. Односно се појаснува дека, кога Владата би ги купила возилата да бидат во нејзина сопственост, по истекот на три години може да ги продаде и да си врати дел од парите, наместо да ги врати на операторот да ги продаде и тој да заработи.

Во анализата се наведува и дека набавките преку лизинг главно опфаќаат возила за возење на странски делегации и на високите функционери како што се претседателот на државата, на Владата и Собранието и на министрите во Владата.

Владата располага со стотина возила кои се чуваат на паркинг плацеви, од кои едниот е во состав на зградата каде што е СОЗР, а едниот е гаражен простор во  МРТ.

Според конечниот извештај на Државниот завод за ревизија, вкупниот број на моторни возила со кои располага СОЗР заклучно со 31.12.2020 година изнесувал 126, од кои со 90 располагала СОЗР, а 36 биле во други институции. Од сите, 11 биле со старост од 22 до 47 години, 58 со старост од 12 до 21 година, а 57 со старост од 3 до 11 години. Во однос на типот, 111 биле патнички моторни возила, 11 товарни и 4 биле автобуси. Од нив 45 биле изнајмени по пат на лизинг.

ДКСК утврди широко распространета пракса на склучување на договори за изнајмување на возила преку оперативен лизинг од страна на други државни органи, јавни институции и единици на локалната самоуправа. Заклучно со март 2022 година, во периодот од 2018 до 2021 година биле склучени договори во вкупна вредност од најмалку 307,750.153 денари или над 5 милиони евра.

„Две последователни постапки на СОЗР се за еднаков број на возила, што наметнува сомнеж, дали воопшто службата ја следи потребата од возила и дали набавката произлегува од прецизно утврдена потреба“, велат од ДКСК.