Владата предлага да се продолжат кризните состојби со топлинска и со електрична енергија

Владата на денешната седница ги усвои заклучоците, мерките и препораките на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи.

Согласно тоа, беше прифатен предлогот за продолжување на кризната состојба во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можност за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија, до 30.4.2023 година.

Воедно, беше прифатен и предлогот за продолжување на кризната состојба во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на Република Македонија, до 30.4.2023 година заради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија.

Предлог-одлуките за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на целата територија на Република Македонија, заради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електричната енергија и за продолжување на кризната состојба во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можност за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија, ќе бидат доставени на разгледување и одлучување до Собранието.