Владата предложи законски измени за минимална плата од 12.000 денари

На 19-та седница на Владата одржана доцна ноќта во четвртокот усвоен е предлогот за измени на Законот за минималната плата од 12.000 денари, а исто така одобрени се нови 10 милиони директна помош за земјоделците, информира владината служба за односи со јавноста.

Со овие измени кои сега треба да одат во собраниска процедура, се наведува во соопштението, ќе се обезбеди и финансиска поддршка од Буџетот за фирмите да ја исплаќаат договорената повисока минимална плата.

На седницата на Владата се донесоа измени на предлог програмата за финансиска поддршка во земјоделството како и програмата за рурален развој со кои се издвоија нови 10 милиони евра директна поддршка за земјоделците.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство треба да изработи предлог програма за изменување и дополнување на програмата за финансиска поддршка на земјоделството во 2017 година и предлог уредба за изменување и дополнување на уредбата за директни плаќања во земјоделството за 2017.

Во однос на кадровските прашања, Владата на Република Македонија на вчерашната седница ги разгледа и ги усвои кадровските предлози и заклучи да именува членови на управни и надзорни одбори во установи, агенции и други органи што се во надлежност на владата.

На денешната седница беше донесена одлука со која се доделуваат стипендии на 50 странски државјани со потекло од Република Македонија, од земји во регионот за студирање на државните универзитети во Република Македонија, а исто така Владата на Република Македонија донесе одлука и за бесплатни курсеви по странски јазици за деца од семејства во социјален ризик.

На седницата директорот на Дирекцијата за спасување и заштита Шабан Салиу ги информираше министрите за стостојбата со пожарите во областа на Македонски Брод и на други локации низ земјата. Во тој контекст Владата на Република Македонија изрази огромна благодарност до Република Бугарија, како и до Република Турција за испратената помош во справување со пожарите.