Владата прогласи кризна состојба

Владата на седницата во петокот вечерта официјално прогласи кризна состојба на територијата на земјата во наредните 30 дена, што подразбира дека армијата се вклучува во напорите за справување со коронавирусот, а државата може да ги користи ресурсите на приватните болници во истата цел.

Владината одлука доаѓа ден откако на седницата на Советот за безбедност одржана кај претседателот Стево Пендаровски препорача воведување кризна состојба на територијата на целата држава.

За оваа одлука Владата ќе го извести Претседателот и Собранието. В недела ќе се знае како ќе се користат ресурсите на приватното здравство.

Владата ја донесе олуката на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, по претходен предлог на Групата за процена, на чие чело е Стојанче Ангелов, вршител на должност директор на Центарот за управување со кризи.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера рече дека на располагање ќе бидат капацитетите на сите приватни болници и приватни поликлиники, како и кадарот кој што таму работи. Филипче попладнево имаше работен состанок со сопствениците на приватните болници „Жан Митрев“, „Систина“ и „Ремедика“.

„Со оглед на тоа што за првпат државата заедно со приватните здравствени институции треба да направи реорганизација за справување со ковид кризата во време на пандемија, дополнителни прецизирања на условите, начинот на користење на ресурсите на приватните здравствени установи ќе бидат договорени на следниот состанок закажан за в недела. Дотогаш, на формализирање на соработката работат тимовите од Министерството и приватните болници“, соопшти Министерството за здравство.

Главниот штаб ќе биде телото кое ќе ја координира целата борба против пандемијата со коронавирусот во кризната состојба. Ќе ги координира 80-ина локални кризни штабови во општините, кои ќе носат одлуки какви ресурси се потребни и од државниот и приватниот сектор на нивната територија за полесно и подинамично справување со кризата.

Исто така, Главниот штаб ќе го има главниот збор за тоа со колкави капацитети и дали армијата и полицијата ќе асистираат во редот во болниците, во изградба на монтажни болници и дополнителна инфраструктура, транспорт на пациенти, но и секаде каде што ќе може да помогнат. Но, тоа не значи дека на улиците ќе патролираат војници. Тие само ќе им помагаат на припадниците на МВР, доколку има таква потреба.

Првата задача на телото составено од првиот човек на Центарот за управување со кризи и уште 11 членови од повеќе институции е формирање на акциски план за постапување.

„Јас ќе го свикам Главниот штаб и веднаш ќе изработиме акциски план. Тоа не значи дека ние ќе измислиме топла вода. Постојат акциски планови, ќе земеме некој од претходните. Знаете дека во Дебар имаше локален акциски план. Ќе го прилагодиме и нормално дека планот нема да биде совршен. Планот ќе се менува во движење’, иизјави за телевизиајта Сител, директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.

Вчера Советот за безбедност препорача прогласување кризна состојба ради коронакризата. Претседателот Стево Пендаровски вчера појасни дека воведувањето ваква кризна состојба нема никаква врска со воведување полициски час, ниту какви било други рестриктивни мерки. Кризната состојба, ќе овозможи армијата да дава поддршка на територијата на целата земја.

„Во кризна состојба има законска можност владата да управува со ресурсите на државните органи, јавните претпријатија, единиците на локалната самоуправа, како и Градот Скопје, но и на трговските друштва, во овој случај приватните здравствени установи. Не станува збор за национализација, туку евентуално за нивно управување, но само таму и во обем за кои владата ќе процени дека е потребно“, изјави Пендаровски.

Објасни дека за сите услуги кои што приватните здравствени установи ќе ги даваат ќе добијат обесштетување, односно компензација.

„Нема да биде национализација, па да имаме нов газда, туку државата ќе биде менаџер во наредните 30 дена. Законски, обесштетувањето не може да биде повеќе од 30 отсто од пазарната вредност“, кажа претседатело