Владата сѐ уште без конкретно решение за почетокот на училишната година

Се чини дека Владата избрза со одлуката за отворање на градинките, а се добива и впечаток дека истото ќе го направи и со училиштата. Иако Министерството за образование и наука имаше шест месеци за добро да се подготви и да се анализира од сите аспекти со цел на учениците и професорите да им се обезбеди модел за безбедна настава, сепак доцнат со најавената платформа за учење преку Интернет.

Најавуваат дека учебната година ќе започне во октомври, но ниту знаеме како ќе се спроведе, ниту дали ќе имаме платформа преку која ќе можеме да ја следиме наставата, велат учениците.

Унијата на ученици од друга страна согледувајќи ја состојбата и конфузноста на надлежните за тоа како треба да изгледа наставата, континуирано се обидуваат да влијааат врз одлуките кои се носат. Тие предлагаат нивен модел и му дадоа ултиматум на Министерството за образование и наука за до 15 септември да излезе со конечен став, а доколку тоа не се случи средношколците најавуваат бојкот на учебната година.

За ненавремени мерки за тоа како ќе функционираат училиштата деновиве се огласи и претседателката на Младинскиот образовен форум, Стефани Спировска која посочува дека дефинитивно се доцни со платформата, и со тоа што се одложи учебната година за еден месец укажува на неподготвеноста. Имено таа посочува и дека учениците се незадоволни од начинот на којшто се спроведе онлајн или далечинското учење,.

-Учениците се незадоволни од начинот на којшто се спроведе онлајн или далечинското учење, меѓутоа од разговорите со нив, ние вината ја лоциравме кај неподготвеноста на професорите, вели таа.

Покрај доцнењето и Министерството за образование и наука ја повторува истата грешка која беше направена со градинките а тоа е отварање на училиштата без скрининг на вработените што кај градинките се покажа како целосно погрешна одлука.