Владата со програми за рано откривање на болести на срце, бубрези и дијабетес

Во следните две години, 1,2 милионин граѓани ќе бидат повикани од своите матични лекари за да направат превентивни прегледи за рано откривање на кардиоваскуларни и бубрежни заболувања и дијабетес, информираат денеска портпаролот на Владата Алексндар Ѓорѓиев и директорката на Фондот за здравствено осигурување Маја Парнарџиева Змејкова.

Владата, за реализација на овие мерки, издвоила околу 20 милиони евра.

Превентивниот преглед што ќе се реализира на повик на матичниот лекар содржи испитувања на анализа на крв и урина, ЕКГ, мерење на тежина, а пациентите односно граѓаните ќе треба да пополнат и прашалник што Фондот го изработи заедно со соодветните здруженија на лекари.

Според директорката на ФЗОМ,  мерката се презема со цел рано откривање на овие заболувања од една страна, а од друга страна ќе значи секундарна превенција за оние што веќе имаат здравствени проблеми.

Вакви систематски испитувања на здравствената состојба на граѓаните се прават за прв пат и со нив ќе се обезбедат потребните индикатори за тоа колку е здрава нашата популација и ќе помогне за планирање на следните политики и трошоци на ФЗОМ.

Кардиоваскуларните, бубрежните заболувања и дијабетесот се трите најчести незаразни болести во земјата, најмногу лица заболуваат од нив и се прават најголеми трошоци. Смртноста од кардиоваскуларни болести е број еден, секое 12-то лице од вкупно 100 има некаква бубрежна болест, а секој петти од 100 има дијабетес.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.