Владата со трикови и мерки, а пари нема!

MACEDONIA-VOTE

Економските мерки со кои државите, пред се сличните на нас во регионов, се борат против економската и финансиска епидемија паралелно со корона вирусот ни се помалку или повеќе познати. Ги знаеме какви се во Бугарија, Србија, Унгарија, Словенија… Еве во што, накусо, се состојат мерките за спас на економијата и вработеноста кај другите, сличните околу нас, пишува „Вечер“:

– Словенија формира буџет од 7 милијарди евра за помош на своите фирми и граѓани: за самовработени по 700 евра и платени придонеси; по 150 евра за секој студент; по 100-200 евра за секое семејство зависно од бројот на деца; 500 евра за секој пензионер со мала пензија, а за другите пропорционално; плаќање придонеси за секој вработен кој не може да работи заради кризата; вработените кои со својата работа се директно изложени на кризата имаат зголемена плата до 200%; на функционерите им се намалува платата за 30%; за фирмите да ги задржат вработените мерките следи ивтор пакет со 3 милијарди евра фонд и 1 милијарда евра од европска банка.

Сите исплати од буџетот на граѓаните, вработените и фирмите се неповратни!

Србија објави план за поддршка на граѓаните, семејствата и фирмите кој е обемен, и ќе споменеме само неколку точки: уште од почетиокот на март се трајно зголемени платите на медицинскиот персонал; превозот со авион и автобуси на српски граѓани од странство до земјата го плаќа владата, а не граѓаните; одлагање на обврска за плаќање на даноци и придонеси до наредната година без камати; посебен пакет, 50% бруто плата од државата за вработени во угостителство, туризам, транспорт… гранки кои по одлука на владата не смеат да работат за време на кризата, а не отпуштиле повеќе од 10% од вработените; 100 евра за секој полнолетен граѓанин на Србија; посебна програма за помош на мали и средни претпријатија, пензионерите и земјоделците во износ од две милијарди евра; Имаме доволно свои пари за реализација, потврди српскиот претседател Вучиќ

И во Србија сите исплати од буџетот на граѓаните, вработените и фирмите се неповратни!

А ШТО Е ПЛАНОТ ВО МАКЕДОНИЈА

По многу чекање, откако другите веќе објавија мерки и почнаа да ги применуваат, владата на Македонија за прв пат објави мерки за санација на економската криза за време на епидемијата.

Прво, и најважно, засега не помина предлогот на СДСМ и нивниот претседатрел Зоран Заев, за целосно намалување на платите на државната администрација на минимални 14.500 денари што опфаќа околу 100.000 вработени, при што изземени би биле само здравство, војска и полиција. Велиме засега, затоа што тој план на Заев не е отфрлен, а не поминува на влада само заради пазарење на ДУИ за некои противуслуги и спротиставување на министрите од ВМРО ДПМНЕ во техничката влада и економскиот совет. Планот на Заев за тотален минималец во јавниот сектор не треба да се смета за отфрлен, и наскоро може да биде дел од мерките.

А мерките на владата за кои засега знаеме се следни:

1. Владата плаќа минималец од 14.500 денари за секој вработен во април и мај за загрозените сектори од вонредните мерки, а тоа е пред се туризмот, угостителството, транспртот, занаетчиите, културата и спортот… ако останат на работа до септември.

Некому ова звучи како состојба во која ќе ги пријави своите вработени до владата и ќе добие по 250 евра за секој вработен, и тоа за два месеци. Но, не е така. Владата не ги плаќа тие по 14.500 денари за секој загрозен вработен, туку само ги позајмува тие пари до малите компании! а тоа е радикално различно од она како е претставено на прес конференцијата, или како се применува во Словенија, Унгарија, Србија, САД…

Ако некоја фирма која, на пример, има кафана или камиони за превоз, сега не смее да работи заради наредба на владата и вонредната состојба има дваесет вработени, и за нив плаќа по 20.000 денари плата има обврска за придонеси и данок од околу 10.000 денари за секој вработен. Ако исполни неколку предуслови како немање добивка, намален промет од најмалку 30% од претходно и слично, за април и мај владата ќе им исплати до 14.500 денари, а не чисти 14.500 денари по вработен. Тоа значи дека, ако во мај очекувано вонредната состојба трае до 18. мај фирмата нема за тој месец да добие 14.500 по вработен туку само за 18-те дена од мај. За тоа што 19 дена не смееле да работат во март заради мерките на владата – нема да добијат ништо. А од 15 март до 18 мај ќе имаат промет нула, и тоа заради наредба на владата, а не по своја одлука, и ќе плаќаат придонеси, даноци, кирии, камати на кредити. Ова е состојба која директно погодува од 60-65.000 вработени само во микро и мали фирми и трговците поединци, плус големите.

Овие пари, и да ги добие, фирмата мора да и ги врати на владата до март 2021 година. Не се неповратни.

Нема помош за пензионери, нема за студенти и земјоделци, нема за големите фирми кои се и најзадолжени а кои се закануваат и со откази за дополнителни 50.000 вработени. Дури и авионите за така наречените хуманитарни летови за враќање на македонските граѓани во државата Македонија им ги наплаќа на патниците.

2. Функционерите на власта ќе земаат минималец за два месеци, од по 14.500 евра. Додека 100.000 вработени во приватниот сектор кој е блокиран само заради мерките на владата се соочуваат со откази, и додека 110.000 вработени во јавниот сектор се под стрес и страв дека ќе паднат на минималец, владата од политикантски причини решава да штеди на своите функционери кои два месеци би примиле минималец наместо плати од 1.000 до 3.000 евра месечно колку што сега примаат. Нивните финансиски резерви се големи, и тие нема да осетат последици од намалувањето на плата за два месеци, а и не се соочуваат со закана за откази како 220.000 претходно спомнати од приватниот и јавен сектор.

Зошто оваа мерка е политикантска? Затоа што нема никаков ефект – освен политички. Најголем дел од тие функционери имаат освен платата и други приходи: службени возила, дневници, платени трошоци при работата и слично. Парите собрани од нивното намалување на платата се мали, не вршат никаква работа во буџетот но, вршат работа за политичките мерки и пресметки потоа.

Со оваа мерка се чисти патот до следната мерка – намалување плати на минималец за целиот јавен сектор, нешто против кое остро се бори опозицијата но, и јавноста. Сега, одговорот кој се очекува е: ако ги намаливме платите на нашите функционери, можеме да ги намалиме и на сите во јавниот сектор и, како што вели Заев, да бидеме солидарни.

Овој план на Заев може да го спречи само уште поупорно и по масовно противење на опозицијата и на јавноста и, ако успеат, секој од нив тоа може да си го припише како сопствена, лична заслуга.

По ова, очекувано е да следи укинување на државно финансирање на партиите. Ова е и клучната одлука на СДСМ од која очекуваат максимален партиски и политички профит. Тие, како партија на власт, имаат под контрола буџет и тендери и лесно ќе најдат извори на финансирање низ црни фондови но, ако ВМРО ДПМНЕ остане без пари тоа значи хендикеп и немање услови да се појави на избори со полн капацитет.

На крај, зошто владата нема мерки и пари за кризни ситуации како што ги имаат сите во соседството и регионот, без да се споредуваме со други, моќни држави? Затоа што се потрошени. Само пред нова година потрошени се 170 милиони евра за предизборни цели, измислени фондови за иновации, неосновано качување плати, тендери од по 10 до 80 милиони евра за собирање пари за избори како тендерите за хеликоптери и слично, партиско вработување на 45.000 свои луѓе во државната администрација. Се задолжија без основ и без план за продуктивна актива со над 380 милиони евра само минатата година. И сето тоа темпирано да им даде бенефит и предност за изборите на 12 април кои сега се одложија. Планот бил: да ги добиеме изборите, па потоа ќе мислиме.

А за мислење време веќе нема. Каде се респираторите најавени дека ќе стасаат уште пред 12 дена, а ние влеговме во фаза кога секој ден имаме жртви од епидемијата. Владата најави дека минатиот петок ќе имаме први пари од кредитите кои седум дена претходно ги барале. Го нема ние едното, ни другото. Ни респиратори се набавија, ниту некој и даде на владата кредит, а домашните банки не купуваат доволно владини хартии од вредност кои им се нудат – затоа што не веруваат во капацитетот на владата и се плашат. Денес имало аукција за владини хартии од вредност на 15 години, од понудени 100 милиони денари банките покажале интерес за откуп само за 43 милиони.

Секој, без оглед, на партиската определеност, сега јасно виде дека власта во Македонија нема ни луѓе ни проекти, безуслованата поддршка на оваа и ваква власт од странство не создаде власт со знаење и одговорнсот, туку власт без контрола и неодговорна. Кој се сомневал во ова сега може да го провери и осети на своја глава, и по свој џеб.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.