Владата в четврток ќе прогласи кризна состојба во енергетиката

На 25-ти август Владата ќе прогласи кризна состојба во енергетиката, дознава Алсат од високи владини извори. Според информациите, утре ќе заседава Управувачкиот комитет за кризи кој е составен од неколку министри и експерти кои треба да формираат мислење и да ѝ препорачаат на владата на седница во четврток да прогласи кризна состојба во енергетиката. Во сила ќе биде од први септември.

И покрај одлуката за прогласување на кризна состојба во енергетиката, надлежните и натаму уверуваат дека рестрикции на електрична енергија во земјава нема да се случат. Од први септември исто така стапуваат во сила и мерките на Владата за штедење на електрична енергија. Во јавните институции тие се задолжителни, а за домаќинствата и за приватните компании тие се во форма на препораки.

Со ваквиот потег на Владата ќе се овозможи државните енергетски компании да може да добиваат повеќе пари во време на криза сè со цел зголемено производство на струја и набавка на јаглен и мазут. Од ЕСМ за Алсат соопштија дека во претходната кризна состојба лани и на почетокот на годинава, државните електрани од буџетот добиле 171 милиони евра за справување со проблемите. Според информациите кои ги добивме, за набавка и производство на струја ЕСМ искористило близу 86 милиони евра минатата година, а годинава 79,5 милиони евра. За топлинска енергија пак, финансиската помош изнесувала блиску шест милиони евра.

Инаку, бизнисот вчера излезе со алармантни податоци за проблемите со кои се соочува приватниот сектор. Поради зголемените трошоци за сметките за струја, стопанствениците бараат итна финансиска помош или обезбедување на поевтина струја за реалниот сектор. Во спротивни, предупредуваат дека многу фирми ќе згаснат, а голем број на работници ќе останат на улица.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.