Владата во вторник ќе одлучува за новите предлог мерки, Главниот кризен штаб не донел заклучоци

Владата на утрешната седница ќе ги разгледува мерките предложени од Комисијата за заразни болести, а за истите денеска не бил донесен заклучок на состанокот на Главниот координативен кризен штаб.

Од Министерството за здравство информираат дека министерот Венко Филипче, утрово на Главниот Координативен Кризен Штаб (ГККШ) ги предложил мерките на Комисијата за заразни болести кои со консензус беа усвоени на состанокот, минатата недела.

-Министерот посочи дека мерките кои ги предлагаат здравствените експерти се целосно издржани и ќе дадат резултат и за одржување на релативно стабилната епидемиолошка состојба во земјава како и за покачување на вакцинацијата во државата. Говорејќи за состојбата во државата, министерот образложи дека болниците се полнат со невакцинирани пациенти, односно процентот на невакцинирани, а хоспитализирани се движи од 75% до 80%. Ваков вид, но и доста поригорозни мерки има насекаде во регионот, Бугарија, Хрватска, Словенија, Грција, како и Австрија, Холандија и други. Министерот Филипче, вечер ќе одржи состанок со Синдикатите како би ги слушнал и нивните предлози, кои ќе бидат презентирани и на владината седница, информираат од Министерството.

Согласно предлог-мерките, сите вработени во јавниот сектор, локалната самоуправа, сите институции за одење на работно место треба да прикажат потврда за најмалку една примена вакцина или да имаат ПЦР негативен тест кој ќе важи најмалку 72 часа, а ќе биде направен на сопствен трошок. Оние кои го прележале вирусот ќе приложат потврда за прележан Ковид-19, не постар од 45 дена, а доколку не можат да примат вакцина, ќе треба да имаат потврда од лекар специјалист.

Покрај тоа, се предлага вакцинацијата да биде задолжителна за сите здравствени работници, а мерките треба да стапат на сила 10 дена откако ќе ги усвои Владата, за граѓаните да имаат време да се вакцинираат и 30 дена за здравствените работници кои се уште не се вакцинирале.

Препораките се кон овие мерки да се приклучат и приватните компании, со цел да се заштитат производствените капацитети и целокупниот економски процес во земјата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.