Владата за патувања и пречекување на гости ќе плати над 11 милиони денари

Покрај скапото кафе, Владата решила да не штеди ниту на патувања во земјата и странство, покажуваат објавите на страната на јавни услуги.

За неверојатни 11 милиони и 800 илјади денари Владата склучила договор со 3 туристички агенции да сместува гости во земјава и да организира службени патувања. Агенциите се должни во рок од една година да организираат хотелско сместување за владини претставници и гости од странство, за приближно 200 илјади евра, анализира АЛФА.

И сето ова се случува во време на сериозна економска криза кога премиерот во јавноста промовира скромности апелира институциите да не се рафрлаат со буџетски пари.

„Една од препораките до министерствата и институциите е максимално да се рационализираат трошоците. Да не се набавува и троши сѐ што е неопходно“ рече премиерот Димитар Ковачевски во емисијата „24 анализа“.

Премиерот неодамна потсети дека во овие времиња на инфлација особено е битно да се штеди.

Но, ова очигледно важи само за обичните граѓани, но не и за функционерите. Оваа Влада успеа да го направи и најскапиот договор за пиење кафе, вреден 50 илјади евра. Од податоците на сајтот на јавни услуги, оваа Влада потрошила 90 илјади евра за кафе за само една година. Претходно Владата потроши 37 илјади евра за опремување на нова кујна. Пред да си ја реновираат кујната, Владата потроши и илјадници евра на апетисани, објавува АЛФА.

Премиерот не штеди ни на себе промоција. Владиниот ПР тим брои 36 лица. Неколку дена пред Нова година, Секторот за односи со јавност се подновил со компјутерска опрема вредна 900 илјади денари за кои купени се 11 лаптопи, комјутер за пренос во живо кој вреди 200.000 денари и мобилен телефон кој чини 74 илјади денари и е дел од теренска опрема како и продукциски компјутер со вредност од 87 илјади денари. За успешно фотографирање на владините активности, Владата исто така пред Нова година одвоила 2 милиони денари за фотоапарати и фотографска опрема.

Премиерот платил и неверојатни 26 илјади евра за промоција на неговите објави на Фејсбук и Инстаграм, но тоа според Димитар Ковачевски не било спорно бидејќи парите ги платила партијата, а не државата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.