Владата започнува постапка за директна набавка 200.000 дози вакцина против Covid-19

Владата 42-ра редовна седница одржана во средата вечерта ја разгледувала и усвоила информацијата за набавка на „САРС-КоВ-2 инактивирана вакцина против КОВИД-19“, информираат од владината прес-служба, но нема појаснување од кој производител и на кој начин ќе бидат порачани најавените 200.000 дози од препаратот кој е доволен за имунизација на 100.000 лица, имајќи предвид дека сите вакцини против коронавирусот се даваат во две дози.

Со заклучок на Владата, Министерството за здравство добило задолжение да спроведе постапка за набавка на 200.000 единечни дози од вакцината против Covid-19 „согласно со член 55 став (1) точка г) од Законот за јавните набавки, односно преку постапка со преговарање без објавување оглас“.

„Станува збор за нова набавка на дополнителни количини покрај оние од КОВАКС механизмот од 833.000 дози на вакцина за кои Министерството за здравство изврши уплата на авансот и ја обезбеди финансиската гаранција, со што ги исполни финансиските обврски што произлегуваа по основ на склучениот Договор. Според најавите од КОВАКС механизмот првите количини од оваа набавка се очекува да бидат испорачани во првата половина на февруари“, информираат од владината прес-служба.

Владата, преку Министерството за здравство е во завршна фаза од директните разговори со производителот „Фајзер“ за набавка на уште 800.000 единечни дози за сукцесивна испорака на договорените количини во наредните месеци од кои првите во февруари.

Според несумираниот севкупен податок кој произлегува од синиќешното соопштение, Владата цели допрва да постигне договори за околу 1,8 милиони дози, кои се доволни за зашита на помалку од милион од македонските граѓани.