Владејачката коалиција ќе го разгледува францускиот предлог за тргање на ветото

Премиерот Димитар Ковачевски денеска ќе има средба во Владата со претставниците на коалициските партнери, а главна точка на дневниот ред е реафирмирање на ставот за одржување редовни парламентарни избори во 2024 година.

Тема на разговор ќе биде кризата со растечките цени на светските берзи во однос на храната, енергенсите и на суровините, а иако не е најавено, се очекува да се разговара и за францускиот предлог за тргање на бугарското вето и деблокирање на патот на Македонија во ЕУ.

Како што најави премиерот Ковачевски, коалициските партнери ќе се осврнат и на важноста на водењето севкупни политики во државата во насока на задржување на стандардот на населението и унапредување на системот на земјава и неговото усогласување со системот на ЕУ.