Владејачката коалиција во клинч: Кој е виновен за тетовската трагедија, кадарот на СДСМ или на ДУИ

Во пожарот кој избувна на 8-ми септември во тетовската модуларна ковид-болница, живи изгореа 14 лица, а 12 претрпеа тешки повреди и изгореници, но одговорност за оваа ужасна трагедија засега не понесе никој и досега не се утврдени ниту причините за избувнувањето на пожарот, но се чини во пресрет на октомвриските локални избори започнува и меѓусебното префрлање на вината меѓу владините коалициски партнери.

Следејќи ги изјавите кои доаѓаат од партиите и нивните претставници во врска со несреќата во Тетово, се наметнува впечатокот дека двата табора на виновникот посочуваат во редовите на коалицискиот партнер, министерот за здравство од СДСМ, Венко Филипче, и директорот на модуларната болница, Флорим Бесими како кадар на ДУИ.

СДСМ се „правда“ преку Дојче Веле дека за тетовскиот ковид-центар надлежни биле општината и директорот на болницата.

„Целосната надлежност за контролната и оперативната фаза на тетовската модуларна болница била на општина Тетово, директорот на болницата и комунални инспектори, покажува тендерската документација. Министерството за труд и социјална политика заедно со претставници на Светска банка го спроведувале, а локалните власти и директори требало да го контролираат квалитетот и функционалноста на модуларните болници, покажуваат документите до кои дојде Дојче веле“, пишува порталот.

Од ДУИ, пак, возвраќа преку Алсат, дека надзорот на градбите на модуларните болници не го правела ниту една акредитирана фирма за тоа.

„Надзорот на градбите на модуларните билници не го правела ниту една акредитирана фирма за тоа. Ниту еден јавно објавен документ или склучен тендерски договор од страна на Министерството за труд и социјална политика не посочува дека фирма вршела надзор. Во документот се наведува дека по завршување на постапката дополнително ќе се назначи надзор, но такво нешто понатамошната документација – нема“, пренесува Алсат.

Инаку, по ужасната трагедија, поради изгубените животи и прашањето за безбедноста на пациентите болни од Covidd-19 кои се на болничко лекување, оставка но поднесе министерот за здравство Венко Филипче, но која засега на јавноста ѝ е презентирана само вербално, како и неговиот заменик Илир Хасани  и двајца директори од тетовската болница.

Премиерот Зоран Заев, чиј сопартиец и партиски потпретседател е министерот, рече дека ќе го почека исходот од истрагата за точно да се лоцира одговорноста за загубените животи во ковид болницата во Тетово.